„Би сакал да бидам пооптимист и да им дадам поголем оптимизам на луѓето, но според она што го слушам од колегите и од претседателот на ЕЦБ, предвидувањата што се даваат се дека излезот од кризата може да се очекува дури во периодот август-октомври следната година, под услов да се вакцинираат 70 отсто од населението во ЕУ“. 

Ова го изјави бугарскиот премиерот Бојко Борисов во Брисел, каде европските шефови на држави и влади се согласија за повеќегодишната финансиска рамка и спасувачкиот пакет за следната генерација

Тој посочи дека никој во моментов не зборува за надминување на кризата, а разни експерти очекуваат подобрување во втората половина на следната година, под услов да има голема стапка на вакцинација.

„Сите се многу загрижени за финансиските и економските индикатори, односно падот на бруто домашниот производ на ЕУ, европските земји и САД. Во исто време, единствената земја за која Европската централна банка ја дава својата прогноза за пораст на БДП од шест отсто следната година ќе биде Кина “, рече Борисов

„До крајот на март нема разговор за отворање на Европа, се очекува трет бран на пандемијата и многу сериозни ограничувања“, додаде тој.

Борисов рече дека Бугарија подготвено ќе го дочека добивањето на првата вакцина против ковид-19 и дека во Софија, Пловдив, Варна и Бургас се обезбедени замрзнувачи за чување на вакцинаната.

Тој беше категоричен дека „вакцините се од витално значење“ и дека „брзите тестови можат да бидат во служба на бизнисот и за брзото движење меѓу земјите“.