Фотографиите од мојата спална соба се инсценирани и се компромитирачки материјал, создадени според учебник на КГБ. Олигархијата ме напаѓа затоа што Бугарија влезе во чекалната за еврото и банкарската унија и тие не можат да го користат банкарскиот систем на земјата како порано, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов за престижниот германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Борисов објаснува дека фотографиите се предизвикани од приемот на Бугарија во еврозоната и банкарската унија, што предизвика незадоволство кај „олигарсите во Бугарија“, кои „сфатија што направив“.

Според бугарскиот премиер, сега тие не можат да го заобиколат бугарскиот банкарски систем, бидејќи контролата е на „европско ниво“. Како причина за нападот против него, Борисов го наведува неговиот успех во борбата против шверцот со цигари, вреден стотици милиони евра и како пример ја наведува акцијата против нелегалната фабрика за цигари во Пловдив.

Борисов ги наведува како причина за незадоволството на неговите непријатели и набавката на борбените авиони Ф-16, како и желбата за диверзификација на снабдувањето со гас за Бугарија. „Фотографиите од мојата спална соба се како да се направени од учебник на КГБ, каде се даваат совети како да се уништи човекот земајќи вистини за него и користејќи ги за свои цели“, рече Борисов. “Не случајно зборувам за методите на КГБ. Некои од моите противници кои работат за претседателот Румен Радев се поранешни тајни агенти, луѓе од овие кругови или деца на големи шпиони, офицери од руската воена разузнавачка служба”, додаде тој.

Според него, во Бугарија веќе долго време работи „црн пазар за компромитирачки информации“, а неговите противници се обидуваат да го оцрнат со вакви кампањи пред изборите. Борисов дава пример за пушувањата дека тој е сопственик на куќа во Барселона или за ширење на приказна дека тој е сопственик на грчки остров, „каде што се вели дека тој ја убил манекенката“.

Од разговорот станува јасно дека, според Борисов, фотографиите во неговата спална соба ги направила жена која тој ја споредил со Мата Хари – славниот шпион којс ја користела нејзината женственост за да ги постигне своите цели. “Дали имам љубовен живот? Секако дека имам. Јас сум човек и ништо човечко не ми е туѓо”, вели Борисов. Според него, кога го посетила таа жена, чуварите и обезбедувањето не ја пребарувале, а во чантата имало доволно простор за да се вклопат мали златни шипки и снопови со пари, потребни за да се направат снимките од неговата спална соба со мобилен телефон. „По она што се случи, не сакам повеќе да видам жена”, рече тој.