По долга политичка хибернација се јави поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Во соопштение испратено до медиумите тој ја изразува својата згрозеност од интервјуто на Зоран Заев за бугарските медиуми.

„Повикувам под итно да се свика Централниот Одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ”, напиша Црвенковски.

До одржувањето седница на Централниот одбор, Црвенковски најавува дека го замрзнува неговото членство во Социјалдемократскиот сојуз.

Долго време СДСМ на Заев, самиот Заев и Црвенковски глумеа дека се во добри односи. Ниту се во добри односи, ниту, пак, некогаш и биле во добри односи.

Пред десет месеци беше емитувана емисија во рамки на серијалот Во Центар со наслов-Луѓето на Бранко Црвенковски работат за Христијан Мицкоски. Времето не само што ги потврди нашите анализи туку и ги бетонираше како нешто што е веќе подолго време константа во политичките процеси. Потоа следуваше политичката анализа ( пред околу два месеци ) дека овој СДСМ на Заев ја спроведува политиката на Љубчо Гергиевски, а оваа ВМРО на Мицкоски има поддршка од Црвенковски.

Ова е трет обид на Црвенковски да го спречи доаѓањето на Заев на чело на СДСМ или да го симне од тронот во СДСМ.

Првиот беше во 2013 година кога Црвенковски правеше се Заев да не биде избран за лидер на партијата. Во еден момент Заев се откажа од изборната трка за лидер на СДСМ и тогаш Американците преку тогашниот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров ( сега вработен како доктор во Систина-каде се вработени многу луѓе кои биле или се се уште блиски на Црвенковски ) му пратија порака на Црвенковски да не се меша во внатрепартискиот изборен процес.

Вториот обид беше по 2014 година кога Заев ги изгуби парламентарните и претседателските избори и Црвенковски му порача на Заев дека ниту тој ( Црвенковски ) ниту Заев не се иднината на СДСМ, туку дека е тоа Стево Пендаровски. Тогаш Црвенковски се обиде на Конгресот на партијата да го смени Заев, но во меѓувреме Заев ги смени старите делегати и стави свои лојални делегати на Конгресот.

Затоа Заев долго калкулираше дали Пендаровски да биде кандидат на СДСМ на ланските претседателски избори. Дури последниот ден од рокот за пријавување Заев ја прифати номинацијата на Пендаровски и тоа откако Пендаровски се закани дека ќе оди на изборите како независен кандидат поддржан од луѓето на Црвенковски.

И сега Црвенковски игра преку Пендаровски и се обидува да направи клин во односите меѓу Заев и Пендаровски.

И многу е важно да се анализира интервјуто на Али Ахмети кое беше објавено еден ден пред интервјуто на Заев за агенцијата Бгнес. Внимавајте на тоа интервју на Ахмети-времето ќе покаже која била позадината на тоа интервју и кој стои позади тоа интервју.

И на крајот веќе долго време Црвенковски преку својата поранешна соработничка Наташа Савова е во некаков политички триаголник или четириаголник со Јордан Камчев и Христијан Мицкоски.

Во 2013 година Американците брутално го пуштија Црвенковски низ вода. Така заврши неговата политичка кариера. Мора да има голема мака или многу повредена суета за повторно да влегува во процеси кои на крајот ќе бидат потврдени или отфрлени од Американците. Или мислите дека откако ги преспа сите овие седум години, сега одеднаш се разбуди националната свест на Црвенковски? Ќе ве молам немојте та пукате со такви ќорци.

Ќе треба да се следи внимателно оваа разврска. По разврската во Црна Гора, Србија има многу ресурси на располагање кои може да ги користи во Македонија. Русија има многу ресурси кои може да ги користи во Македонија. И прорускиот дел во Бугарија мора да направи криза во Македонија пред да биде испратен во пензија по изборите идната пролет.

Бугарите бараат да признаеме дека имаме заедничка историја и затоа ни ставија вето? Ќе ве молам зарем сте толку наивни. Пред две години Македонската црква испрати писмо до Бугарската црква на која и признава дека е наша црква-мајка. Не дека имаме заедничка црковна историја туку дека се тие наша црква мајка. И Бугарите тоа го одбија под притисок на Русите и Руската Црква.

Веќе ги гледате контурите на процесите. Полека сите работи ќе испливаат на површина. Сега веќе влоговите кои се на масата се многу големи.