Шефовите на држави и влади на ЕУ даваат зелено светло за проширувањето на санкциите против Турција за нејзините активности во Средоземното Море. Ова се наведува во завршната декларација на самитот во Брисел, пренесоа светските агенции.

„За жал, Турција презеде еднострана акција и провокации и ја изостри реториката против ЕУ, земјите членки и европските лидери“, се вели во соопштението, пренесува Асошиејтед прес.

На самитот во октомври, европските лидери предложија „позитивна политичка агенда ЕУ-Турција“, вклучително трговски и царински поволности и изгледи за повеќе пари за справување со сириските бегалци на турска територија, ако Анкара ги запре „незаконските активности“ во Источниот Медитеран.

Европскиот совет сега наведува дека овој предлог останува релевантен доколку Турција е подготвена да склучи „искрено партнерство“ и да влезе во вистински дијалог со ЕУ, како и да покаже подготвеност за решавање на разликите преку дијалог и во согласност со меѓународното право.

Сепак, во отсуство на одговор досега, лидерите ги повикуваат министрите од 27-те членки на блокот да усвојат дополнителни листи за санкции со рестриктивни мерки, со оглед на неовластените активности на Турција за истражување во Источен Медитеран.

Високиот европски дипломат Жозеп Борел има задача да подготви извештај за состојбата на политичките, економските и трговските односи меѓу ЕУ и Турција и да предложи понатамошни активности, вклучително и продолжување на санкциите, што ќе бидат презентирани на следниот самит во март следната година.