Вооружената „милиција“ во Мичиген планираше да ја киднапира и убие гувернерката Гречен Витмер, да ја окупира зградата на државната управа и да ликвидира неколку лица во директен телевизиски пренос, објави канцеларијата на државниот обвинител на таа американска држава. Во обвинението, оваа група се нарекува „буџахедини“ кои сакаа да предизвикаат граѓанска војна.

37-годишниот Адам Фокс, водачот на таа група, е обвинет за заговор со елементи на тероризам и за планирање на убиство на Витмер и други членови на државната администрација во Мичиген, објави обвинителството, пренесува „Детроит Фри Прес“.

Обвинението опфаќа 14 лица вклучени во заговор откриен од ФБИ во октомври.

Државниот обвинител во Мичиген Дана Несел изјави дека обвинетите се обиделе да започнат граѓанска војна поради одлуките на гувернерот во врска со пандемијата со коронавирус.

Планот А предвидуваше регрутирање на 200 лица кои би ја окупирале зградата на државната администрација додекае во тек седница на Конгресот во Мичиген. Конгресмените ќе бидат земени како заложници и ликвидирани на ТВ. Акцијата ќе трае една недела и никој нема да преживее, наведува обвинителството.

Резервниот план предвидуваше дека по заземањето на зградата, сите излези ќе бидат заклучени, а зградата потоа ќе биде запалена, соопшти обвинителството.

Оваа група е наречена „Волверински стражар“, според животно од родот на куни што живее во Мичиген. Нивната страница на Фејсбук наведува дека станува збор за „група патриоти кои обединуваат и регрутираат лица кои размислуваат слично“.

Во судските документи, оваа група беше наречена „буџахедини“.

Тоа е варијанта на зборот муџахедин и се однесува на вооружени и обучени борци, кои се подготвени да умрат за својата цел. Буџахедините честопати се отпадници од армијата или полицијата кои се подготвуваат за граѓанска војна и востание против владата, наведуваат од обвинителството.

Од 14-те членови на оваа група, осуммина се обвинети според законот во Мичиген, додека шестмина чекаат федерално обвинение. Секој треба да се појави на суд во следните два месеци.