Кој е тој комплекс кој Бугарите го имаат за Јосип Броз Тито. Ние дури не сме ни свесни колку е тоа длабоко вкоренето во бугарската свест и колку тие не можат да се ослобадат од тоа.

Денешното интервју на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, тоа го отсликува на најдобар начин.

Настрана, што тие сакааат да не принудат да прифатиме дека имаме заеднички корени или заедничка историја, проблемот е што тие како нација имаат таков национален комплекс дека во времето на Тито тогашна СФРЈ, а во рамки на таа држава и денешна Македонија, сме биле Америка за нив.

Во интервју за емисијата Во Центар, поранешниот шеф на кабинет на бугарскиот комунистички лидер, Тодор Живков, Константин Чакаров многу отворено говореше за бугарските комплекси во однос на Тито. Или како велеше Чакаров, Тито беше личност од светски формат, Југославија беше земја победничка на Втората Светска Војна, а Бугарија беше земја губитничка во Втората Светска војна.

Кога ќе се поврзат тие две работи. Ставот на Захариева, дека Македонија не може да сака да стане членка на ЕУ а да продолжи да го слави еден од најмрачните диктатори, а за неа тоа бил Тито. И од другата страна истата Захариева која ни порачува дека Македонија не може да стане членка на ЕУ и да биде партнер со Бугарија во НАТО ако ги нарекува бугарските војници во Втората светска војна фашистички окупатори.

Тоа јасно ја дефинира грандизноста на бугарскиот комплекс. Тие се губитници во Втората Светска Војна. Ние сме победници во Втората светска војна. Сега губитниците им се светат на победниците. Гледате која е тоа грандиозна фрустрација за која ние и не сме биле свесни.

Македонија во времето на Тито беше Америка за Бугарија, а СФРЈ беше лидер на третиот свет и неврзаните. Тоа ги убива Бугарите. И освен од политички и историски причини, тие со оваа изживување во преговорите всушност и се светат на Македонија што 50 или 60 години за нас Бугарите биле само една заостаната провинција на комунистичкиот лагер.

Госпожа Захариева, ние не сакаме да се откажеме од нашата улога во Втората светска војна, бидејќи е тоа најсветлиот момент во македонската историја. Тоа нас не прави различни од вас-ние сме биле на антифашистичка, а вие сте биле на фашистичка страна.

Затоа ви смета Тито. Бидејќи Тито и СФРЈ, а во тие рамки и Македонија, биле се она што вие како Бугари сте сакале да бидете во времето на Тодор Живков, а не сте можеле.

Захариева е родена во Пазарџик 1975 година. Секој кој во тодор-живкова Бугарија бил во Пазарџик му е јасно во какво општествено миље Захариева ги гради своите цивилизациски ставови кон Тито и Македонија во таа титова СФРЈ.

Ние можеме да им прифатиме се на Бугарите, можат да се најдат политичари во Македонија кои ќе потпишат се и ќе прифатат се од бугарските барања, но тоа нема да ги задоволи Бугарите. Тие сакаат со овие преговори историски да не ребугаризираат, но во основа тие со овие преговори сакаат да не понижат и да ни се осветат за сите фрустрации кои ги имале кон нас.

Се до денес ние не бевме свесни за тој бугарски комплекс дека ние за нив 50 и повеќе години сме биле Америка. Понекогаш психологијата прави поголеми проблеми од историјата и политиката. Тоа станува јасно во овие преговори.