Бугарија ќе го блокира официјалниот почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, за време на редовниот состанок на Советот за општи работи на министеите за надворешни работи на земјите-членки, закажан за 17 ноември, пишува бугарскиот весник Труд.

Таа позиција беше потврдена и за време на состанокот на Бојко Борисов со премиерот на Македонија, Зоран Заев оваа недела.

Според извори на весникот Труд, на дневниот ред на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во вторник (17-ти ноември) веќе е запишано дека нема да има дебата на оваа тема. Наместо тоа, предвидено е да биде презентиран извештајот од германското претседателство за напредокот на тековните разговори меѓу Софија и Скопје.

На овој начин, пишува Труд, формално ќе биде откажана меѓувладината конференција која беше закажана за декември, а со која требаше да се означи почетокот на процесот на преговори.

Историчари, научници и политичари од владејачката коалиција во Бугарија веќе изразија став дека додека Македонија не започне да се придржува до договорот за добрососедство, Бугарија нема да и даде зелено светло за официјално да започне разговори за членство во ЕУ.