Споменик на 28-от претседател на Соединетите држави Вудро Вилсон треба да се подигне во Софија како израз на благодарност на бугарскиот народ кон неговите заслуги за зачувување на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на Бугарија.

Ваквата иницијатива беше објавена од Здружението на обвинители и Комората на истражители – 27 ноември, кога поминаа 101 година од мировниот договор во Неј, во близината на Париз, со кој договор на Бугарија по завршувањето на Првата светска војна и беа одземени 11.300 квадратни километри од нејзината територија.

Бугарија по поразот во Првата светска војна изгуби делови на Добруџа од Романија, го губи излезот на Егејско Море од Грција и ги губи областите во Босилеград и Димитровград во Србија и што е важно регионот на Струмица се приклучи кон тогашна Југославија.

Малку е познат фактот, велат иницијаторите на Вилсон да му се изгради споменик во Софија, дека територијалните претензии на трите соседни држави (Србија, Романија и Грција) беа далеку поголеми и самото постоење на Бугарија како суверена држава беше доведено во прашање на преговорите во Париз.

Само силното противење на тогашниот американски претседател Вудроу Вилсон го спречи тоа. Неговата категорична изјава дека повеќе би сакал да ја напушти Париската мировна конференција отколку да се согласи на поделба на Бугарија ги одврати овие барања на соседите и на крајот, иако територијално смалена, Бугарија успеа да се спаси и да преживее без да биде поделена меѓу соседните држави кои беа победнички во Првата светска војна, а Софија како по обичај беше на губитничката страна.

Вудро Вилсон беше дваесет и осмиот претседател на Соединетите држави во прриодот од 1913 до 1921. Тој беше член на Демократската партија. По професија е научник, предаваше историја и политички науки на универзитетите Џон Хопкинс и Корнел, а потоа станува претседател на универзитетот Принстон. Како политичар беше гувернер на државата Њу Џерси од 1911 до 1913 година. Се залагаше жените да добијат право на глас, воведува мерки за забрана на детски труд, ги зајакнува и ги проширува армијата и морнарицата. На мировните разговори во 1919 година, Вудро Вилсон го спречи планот за ликвидација на Бугарија и поделба на три региони под команда на Србија, Романија и Грција. Тој беше награден со Нобелова награда за мир во 1919 година.

Така Бугарија се спаси од поделба и изчезнување како држава по завршувањето на Првата светска војна и затоа сега сакаат да му се заблагодарат на Вилсон со споменик во Софија!