Сегашниот историски спор на кој се фокусираат политичарите во Софија нема никаква врска со приоритетите со кои треба да се раководи владата: да се спречи српската политика на етничка и територијална поделби во Македонија и какви било претензии кога станува збор за македонското малцинство во Бугарија, вели политичарот Радан Канев.

Според овој бугарски член на Европскиот парламент, однесувањето на бугарската влада кон Македонија е предизборен инструмент.

Тој оцени дека реториката во врска со прашањето за пристапување на Македонија во ЕУ и обезбедува, во моментот кога се ближат изборите, опстанок и преживување на партијата ВМРО БНД.

Покрај тоа, додаде Канев, Бугарија си дозволи самата да се вклучи во предизборната трка во Македонија.

Сведоци сме на опасна комбинација на дипломатски дилетантизам, предизборен популизам и целосно историско и политичко незнаење, напиша тој на Фејсбук.

Владата се стави во безизлезна ситуација, без оглед дали Бугарија ќе го одобри напредокот на Скопје на патот кон ЕУ, убеден е европратеникот.

Заради популизмот, но уште повеќе заради отворената политичка глупост, сегашната влада не се стави само себеси, туку ја стави цела Бугарија во безизлезна состојба. Ако се повлечеме, ќе и ја поклониме победата на вештачката антибугарска пропаганда и на српските и руските специјални служби во Скопје.

Ако ставиме вето, ќе придонесеме за создавање на основано антибугарско расположение не само во Скопје, туку и во Охрид, Битола, Штип. Ако отстапиме, ќе покажеме слабост, а ако ставиме вето, ќе западнеме во збунувачка меѓународна изолација, бидејќи нашата позиција (за разлика од грчката позиција во последните децении) никој никогаш не ја објасни на соодветен начин, рече тој.

Да потсетиме, официјална Софија го подржува пристапувањето на Македоније во ЕУ но под одредени услови.

Лидерот на ВМРО БНД, вицепремиерот Красимир Каракачанов, претходно изјави дека Бугарија нема да го поддржи Скопје сè додека не се признаат бугарските корени на македонската нација и јазик во Македонија.

Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева рече дека во овој момент Бугарија не може да ја одобри рамката за преговори.

Првата меѓувладина конференција помеѓу Македонија и ЕУ е закажана за во декември, но за тоа е потребно одобрување од Софија.

Бугарија треба да ја објави својата конечна одлука следната недела.