Со кого ќе преговара Македонија во Бугарија?

Нашиот источен сосед се наоѓа во политичка криза по парламентарните избори завршени пред еден месец. Ниту една партија не можеше да формира влада и сега ќе се оди на нови избори кои ќе треба да ги спроведе техничка влада формирана од бугарскиот претседател Радев. Нови избори треба да се случат, според најавите, на почетокот на јули. Плус редовни претседателски избори оваа есен.

Во Македонија во септември ќе биде спроведен пописот, а во октомври локални избори. Значи двете држави се влезени во изборни процеси кога тешко се прават договори. Плус сега реално од бугарска страна нема партнер за преговори бидејќи техничката влада се формира да ги спроведе изборите во јули.

Како тогаш Македонија може да се надева дека до крајот на претседателствувањето на Португалија со ЕУ ќе може да биде тргнато бугарското вето? Тоа не и успеа на големата Германија, како ќе и успее на малата Португалија.

И претседателствувањето на Словенија ќе биде ( најверојатно ) промашено поради изборите и во Бугарија и во Македонија.

Во интервјуто за Евроњуз премиерот Зоран Заев вели дека Македонија заслужува да го направи следниот чекор зачленство во ЕУ. И дека не е можно да има раздвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, што како студен туш беше најавено од еврокомесарот од орбанова Унгарија, Оливер Верхеји.

И сега доаѓаме до клучното прашање, а тоа не е кој ќе ја притисне Бугарија во овие два месеци да го тргне ветото, туку кој да биде притиснат во Бугарија да биде тргнато ветото, а со бугарското вето нема одмрзнување на ЕУ преговорите во овој момент. И тоа е таа квадратура на кругот на Македонија која сега по потпишувањето на Преспанскиот договор изгледа толку глупо заглавена во некое мочуриште во Стара Загора.