Австрија, Шкотска и Северна Ирска денеска повторно ќе го стават во изолација своето население, ден по Божиќ и во пресрет на почетокот на кампањата за вакцинација во 27-те земји-членки на ЕУ против „Ковид-19“, со која се заразени повеќе од 25 милиони луѓе на континентот, објави АФП.

По олеснувањето на мерките на Божиќ, во периодот кога Австријците можеа дури и повторно да скијаат, во земјата стапи на сила третата блокада. Ќе трае до 24 јануари. Сепак, ограничувањата ќе бидат ублажени, од 18 јануари, за луѓето кои направиле антиген тест. Од 18 јануари, наставниците, продавачите кои се во постојан контакт со клиенти и возачите на возила со јавен превоз, исто така, ќе бидат тестирани секоја недела.

Ирска и Италија повторно влегоа во ограничувања пред празниците. Нови драконски мерки, како што се затворање продавници за несуштинска стока или забрана за социјални контакти, ќе стапат на сила во Шкотска и Северна Ирска од денес.

Од 20 декември веќе е наметнат нов карантин на дел од Англија за да се запре ширењето на новата верзија на коронавирусот.

Студија на лондонскиот колеџ за хигиена и тропска медицина, објавена вчера на Интернет, но сè уште не е објавена во научно списание, потврдува дека оваа нова варијанта на вирусот е помеѓу 50 и 74 проценти позаразна од постоечките соеви.