Претставничкиот дом на американскиот конгрес донесе резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да го започне процесот, кој се потпира на 25-тиот амандман на Уставот, за разрешувањето на претседателот Доналд Трамп.

Пред тоа, потпретседателот Пенс во писмото до спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, изјави дека не ја прифаќа таа иницијатива и дека нема да го стори тоа.

Потпирањето на 25-тиот амандман значи дека Пенс и поголемиот дел од администрацијата на Трамп ќе мора да го прогласат Трамп за неспособен за извршување на своите должности. Пенс претходно го одби ваквиот потег.

Потпретседателот Мајк Пенс сега има 24 часа да каже дали е подготвен да постапи според усвоената резолуција.

Претставничкиот дом се очекува да гласа во среда за отповикување на Трамп од функцијата, под обвинение дека тој иницирал бунт против американската влада. Со четворица републиканци кои отворено потврдија дека ќе го поддржат отповикувањето на претседателот Трамп, поради поттикнување на насилното прекинување на работата на американскиот Конгрес, демократите во Претставничкиот дом се подготвени за историско гласање за отстранување на претседателот од неговата канцеларија.

Осум дена пред истекот на мандатот, Претставничкиот дом ќе гласа за резолуцијата за отповикување, која го обвинува републиканскиот претседателот за поттикнување револт во говорот пред неговите приврзаници, пред тие насилно да упаднат во американскиот Капитол, седиштето на парламентот, при што загинаа пет лица.

Демократите преминуваат на гласање за отповикување откако тие во вторникот, со 223 гласа за и 205 гласа против, формално ја изгласаа резолуцијата со која се повикува потпретседателот Пенс да повика на 25-тиот амандман и да иницира смена на Трамп.

Претходно, во писмо до Пелоси, Пенс тоа го одби, велејќи дека „не верува дека е во најдобар интерес на нашата нација и во согласност со Уставот“ и ги повика Пелоси и Претставничкиот дом да работат заедно за мирен трансфер на власта и инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден.