Пожарникарите извлекле жена која после вчерашниот силен земјотрес во Хрватска останала затрупана во канцеларија на градската управа. Од силината на ударот се урнал дел од кровот на таа зграда во центарот на Петриње, како и бројни ѕидови.

– Колку беше висока вратата на канцеларијата толку цигли и бетон имаше внатре. Четири часа копавме да ја извлечеме. Толку само можам да кажам за тоа колку беше тешка интервенцијата, рекол за 24сата.хр Златко Пјеш, командира на Јавната пожарникарска станица Новска. 

Жената останала сама во просторијата на вториот кат.

– Кога почнало да се тресе, некако успеала да се заштити со фотелјата и тоа ја спасило. Ја открија кучињата трагачи, некако успеавме да комуницираме со неа. Тогаш почна потешкиот дел, копањето, за да ја спасиме, објаснил Пјеш. 

Прво дошле до нејзината глава што било клучно. Тогаш интервенирал и лекар кој и дал кислород. Била при свест.

– Моравме да ја држиме будна. Ништо не зборуваше. И посакуваме многу среќа и брзо опоравување, вели Пјеш.