Уште тројца припадници на хрватските вооружени сили паднале за време на тестирање на дрога, додека еден одбил тестирање, дознава Јутарњи лист.

Според достапните информации, припадниците на Воената полиција извршиле тестирање на припадници на вооружените сили на 23 јули во неколку касарни.

За време на тестирањето на 16 војници во касарните во Пула, Сплит, Плоче, Велика Горица – Плесо и во касарната во Винковци, кај тројца членови се откриени метаболити на ТХЦ, додека еден член одби да биде тестиран, а против нив ќе биде поднесена дисциплинска пријава до Воениот дисциплински суд за сторено дисциплинско дело “доведување во состојба под дејство на дрога или одбивање тестирање на дрога“, дознава Јутарњи лист.

За кратко време, ова е втор познат случај на употреба на дрога кај припадници на вооружените сили. Пред една недела беше откриено дека петмина припадници на вооружените сили паднале на тест за дрога. Четворица од нив се припадници на командата на Специјалните сили кои биле позитивни на кокаин. Петтиот е припадник на Воената полиција кој работел на обезбедување високи воени и државни службеници.

Против сите се покренати дисциплински постапки, а Министерството за одбрана потенцира дека принципот на нулта толеранција се однесува на употребата на дрога во вооружените сили.