Научниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, д-р Скот Атлас, познат по тоа што е скептичен во врска со воведувањето мерки за борба против коронавирусот, поднесе оставка.

Официјален претставник на Белата куќа потврди дека неврорадиологот од Универзитетот Стенфорд поднесе оставка на крајот од неговиот привремен ангажман во американската администрација.

Веста за оставката ја потврди и Атлас преку објава на Твитер.

Атлас се приклучи на тимот на Белата куќа во текот на летото и влезе во судир со врвните владини советници за вирусот корона, вклучувајќи го и д-р Ентони Фаучи, кој побара поостри епидемиолошки мерки.

Тој ги критикуваше мерките за носење заштитни маски, а само пред неколку недели на Твитер, по повод воведувањето на нови мерки во Мичиген, ги повика граѓаните да се спротивстават на таа одлука.

Тој гласно се спротивстави на сеопфатната политика за заклучување наметната низ САД на државно и локално ниво.

Во оставката, тој рече дека тој и неговите колеги истражувачи „ја идентификувале и фрлиле светлина врз штетата на долгорочното заклучување, вклучувајќи го и фактот дека тоа создава огромни загуби во физичкото и менталното здравје и ги уништуваат семејствата“.

Универзитетот Стенфорд се огради од ставовите на професорот, истакнувајќи во изјавата дека „изразува ставови што не се во согласност со пристапот на универзитетот како одговор на пандемијата“.