Александар Даштевски е новиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Државната изборна комисија, потврди портпаролот на партијата, Наум Стоилковски. Тој на таа позиција треба да го замени Оливер Деркоски, исто така предлог и кадар на ВМРО ДПМНЕ, на кого му истекува мандатот.

Според Стоилковски, одлуката Даштевски да биде нивниот предлог за Претседател на ДИК е донесена на последната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Мандатот на актуелниот состав на ДИК истекува на 15 јануари, а Собранието почна постапката за избор на нови членови.

Во еден бурен временски период, а тоа е времето на промена на власта во Македонија, по настаните на 27 април 2017 година, Даштевски беше Претседател на Комисијата за дискриминација. Тоа е комисијата која му обезбеди алиби на Никола Груевски дека е дискриминиран во судските процеси кои се водат против него.

Или еве како гласи таа одлука на Комисијата за дискриминација:

,,Се утврдува директна дискриминација врз Никола Груевски од член 6 став 1, а врз основа на личен и општествен статус како поранешен претседател на Влада на Република Македонија и поранешен претседател на политичка партија од член 3 во областа на правосуство и управа со член 4 од законот за спречување и заштита од дискриминација, што како последица имало одземање односно нарушување и ограничување на еднакво признавање на правото на правично судење како основно човеково право од страна на судијата Добрила Кацарска од Основниот суд Скопје 1 Скопје. Се утврдува директна дискриминација на Никола Груевски од член 6 став 1 врз основа на личен и општествен статус од член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација поради поставување во неповолна положба со необезбедување на потребните критериуми за правично судење од страна на Основен суд Скопје 1 Скопје”.

Слична одлука Комисијата за дискриминација, кога Претседател на Комисијата е Даштевски, има донесено и за екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, а во врска со нејзиното судење во случајот Тенк.

Поради одлуката поврзана со Гордана Јанкуловска, тогаш Кривичниот суд до Собранието достави иницијатива за разрешување на Александар Даштевски, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, за нестручно и несовесно работење.

Сега ВМРО ДПМНЕ го предлага Даштевски да биде прв човек на Државната изборна комисија.

Чудна порака се испраќа од ВМРО ДПМНЕ со овој предлог Даштевски да биде на чело на ДИК. На тој начин само ќе се засили уверувањето во јавноста дека со партијата и понатаму со далечинско од Будимпешта ја управува Никола Груевски.

Бидејќи која е логиката, човекот кој му обезбеди правно алиби на Груевски, да побара политички азил во Унгарија, по бегството од Македонија, каде беше правосилно осуден на неколку годишна затворска казна, вие да го предлагате за прв човек на ДИК!?