Специјалистот по патофизиологија и пулмологија и раководител на Одделот за патологија на Универзитетот Сеченов во Москва, д-р Сергеј Бољевиќ беше меѓу првите што ја примија руската вакцина против коронавирусот Спутник 5.

Во меѓувреме, на 2 декември, ја прими и втората доза од вакцината и во интервју за Слободна Далмација вели дека се чувствува одлично.

Тој е оптимист во врска со фактот дека се повеќе луѓе во светот се вакцинираат против коронавирус и дека вакцината наскоро ќе им биде достапна на граѓаните на земјите од Европската унија.

Се чувствувам навистина одлично, вели тој и додава:

Антителата веќе се појавија по првата доза што ја примив во ноември, а сега ќе видиме каква е состојбата откако ја примив и втората доза. Првата и втората доза се земаат во рок од 21 дена, а потоа треба да почекате 21 ден за да добиете целосен имунитет. Јас сум веќе прилично заштитен и на 22 декември, 42 дена по првата вакцинација, ќе имам целосен имунитет.

Како што самиот вели, не чувствува никакви нус појави и дека оваа вакцина е многу сигурна. Досега, вели тој, повеќе од 200.000 луѓе во Москва се вакцинирани, а вакцината е испратена во сите 85 руски региони. Луѓето почнаа да сфаќаат дека без вакцини не може да се запре оваа епидемија.

Јас сум пулмолог и патофизиолог и знам дека вакцината е направена според сите научни принципи, вели Бољевиќ и додава:

По тежина спаѓам во ризични групи и решив да се вакцинирам. Како што знаеме, вакцината се базира на векторскиот принцип на друг вирус – аденовирус. Клучен аспект за нас е дека овој вектор е исклучително добро истражен во последните децении. Повеќе од 20 000 луѓе учествуваа во клинички испитувања на вакцини и лекови со хумани аденовируси. Аденовирус се користи и во вакцините на американската армија од 1970-тите, што значи дека милиони американски војници се вакцинирани на овој начин.

Затоа, не е воопшто чудно што јас решив да се вакцинирам со оваа вакцина, вели тој. Русија има долгогодишно искуство со развој на вакцини. Институтот „Гамалеја“ работи на вакцината веќе 40 години. Пред 25 години, тие први произведоа векторска вакцина базирана на вирус.

Според него, овие векторски вакцини веќе биле направени против треската ебола, МЕРС, блискоисточен коронавирус кој е многу сличен на КОВИД 19 и кога сфатиле дека треба да се направи вакцина против коронавирус, тие веќе имале основа врз која работеле 25 години. Врз основа на тоа, тие додадоа нова компонента, генетски материјал од коронавирусот, објаснува докторот Бољевиќ.