Мјуриел Марсенак е цвеќарка од француското гратче Перпињан, која до неодамна имала и своја цвеќарница „Marcenac Fleurs“. Но, поради ковид-кризата, морала да донесе тешка одлука и да го затвори дуќанот. 

Наместо да се чувствува тажно и поразено, одлучила да се прилагоди на ситуацијата, односно да го извлече најдоброто од неа. 

Така, дошла на идеја, сето цвеќе кое го имала во цвеќарницата, како и подготвените аранжмани, да ги подари на медицинските работници во болницата во Перпињан. 

„Морав да одлучам и не сакав да ги фрлам цвеќињата. Наместо да плачам, си реков, ајде да направиме нешто да предизвикаме насмевка кај луѓето, особено во времња тешки како овие – изјавила 38-годишната Мјуриел за „Хафингтон пост“.

Секој автомобил на паркингот од болницата бил украсен со прекрасен цветен аранжман. Поголемиот дел од автомобилите биле на медицинските работници.

“Ми заблагодарија за поддршката и мојот пристап кон целата ситуација, која во моментов е комплицирана. Им требаше тоа, во вакви времиња мораме да се поддржуваме едни со други, а не да се лутиме“, смета Мјуриел.

Марсенак одлучила да го повтори гестот и кај други локални болници, додека не го раздаде сето непродадено цвеќе, па така пред 10 дена го разубавела паркингот кај „Centre Hospitalier de Carcassonne“ болницата. 

Прекрасен гест, зар не?