ФК Вардар. Нашиот најголем фудбалски бренд, нашиот најголем и најтрофеен клуб е на работ од бездната. Се чини дека само чекор го дели од најлошото. Тренерот си замина, половина од играчите веќе преговараат или веќе се на пат кон новите клубови. Но тоа не е најстрашното, многу пострашно или ужасно е фактот дека ФК Вардар е во очајна ситуација. Нема пари, и тоа веќе подолго време, има иницијативи за спас на клубот од страна на фановите, има петиции, има најави за протести, но…

Познато е дека Сергеј Самсоненко, кој официјално се води како газда на клубот, го враќа клубот од каде што го зема, од Градот Скопје. Тука нема дилеми, но факт е дека Градот Скопје не сака да му биде вратен се додека долговите, а тие и тоа како се милионски, не видат расчистени и сметката биде вратена на НУЛА. Барем такви беа најавите од градските власти.

Инаку ново е тоа што, како што неофицијално дознаваме, пропаднала иницијативата за спас на Вардар, односно советнциите на владечката партија во градското Собрание го одбиле амандманот за спас на Вардар.

Познато е дека деновиве се прави буџетот за наредната 2021 година за град Скопје. И ако сега не се планираат средства за ФК Вардар тоа значи дека постои опасност од исчезнување на македонската фудбалска гордост. Треба да се чека потоа на ребаланс на буџетот, тоа значи некаде во март – април. А до тогаш клубот, нели, треба да живее.

Навистина мачни и тешки моменти за ФК Вардар.

Од толку многу што го сакаат во оваа држава овој клуб, ќе се дозволи да пропадне. Секоја чест за тие кои се обидуваат барем да укажат на проблемите, да помогнат и слично.