Рускиот бизнисмен, сопственикот на бродот со амониум нитрат, кој се сомничи за предизвикување на разорната експлозија во пристаништето во Бејрут, е откриен на Кипар, јавуваат светските медиуми.

Портпаролот на полицијата Христос Андреу изјави дека 43-годишниот Игор Гречушкин е лоциран во Лимасол на барање на Интерпол.

Според грчките медиуми, тој дал изјава во врска со случајот во кој експлодирале над 2.700 тони амониум нитрат, загинале најмалку 135 лица, а повеќе од 5.000 се повредени.

Исто така, портпарол на кипарската полиција рече дека Гречушкин ќе биде пренесен во Либан и ќе им биде предаден на либанските власти.

Дел од светските медиуми известија дека амониумскиот нитрат е пристигнат во Либан во септември 2013 година во брод, кој е во сопственост на Гречушкин, и пловел под знамето на Молдавија. Сепак, Здружението на морнари на Русија објави дека бродот Розус е всушност во сопственост на една бугарска компанија.

Во вторникот вечерта, локалните медиуми објавија дека експлозијата е предизвикана од 2.750 тони амониумски нитрат, кој бил пренесен од бродот „Розус“. Во бродот имало претежно руски и украински морнари. Бродот требаше да пренесе товар од грузиското пристаниште Батуми до Мозамбик на крајот на 2013 година, но по патот се наметна во технички проблеми и не го помина безбедносниот преглед во Бејрут.

Бродот подоцна беше запленет откако сопственикот најверојатно немаше пари или желба да ги плати давачките и таксите на пристаништето во Бејрут.

Во јули 2014 година, капетанот Борис Прокошев предупреди за опасноста од товарот на бродот.

Ние сме тука од октомври, со голем товар на амониумски нитрат, а тоа е експлозивна супстанца, рече тој за украинските весници.


Напишете коментар