Втор пат во една недела, американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека ќе ја разгледа можноста за помилување на поранешниот соработник на Агенцијата за национална безбедност, Едвард Сноуден.

На прашањето на прес-конференцијата дали ќе го помилува Сноуден, Трамп одговори дека тој „не е многу запознаен со ситуацијата на Сноуден“, но дека ќе разгледа тоа прашање.

Тој посочи дека не постои консензус за тоа прашање меѓу, како што рече, американскиот политички естаблишмент.

Трамп го изјави ова откако барањата за помилување на Сноуден го преплавија Твитер.

Такви барања, меѓу другите, беа упатени од републиканските сенатори Ранд Пол и Томас Меси.

Некои, исто така, го повикаа американскиот претседател да го помилува основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, заедно со Сноуден, изјавувајќи дека тоа се луѓе кои „ја кажуваат вистината, а кои се гонети за споделување на вистината“.

Едвард Сноуден, поранешен вработен во ЦИА, соработник во НСА и свиркач, доби азил во Русија во 2013 година, откако ги откри тајните на американската програма за масовно прислушување.

Во април, Сноуден поднесе барање да го продолжи престојот во Русија за уште три години.

Минатата година Сноуден рече дека ќе се врати во Соединетите држави доколку му се гарантира фер судење. Сноуден е обвинет за предавство и шпионажа во Америка.


Напишете коментар