Дали последениот вечен претседател во Европа, белорускиот „Батко“ (татко) Александар Лукашенко, дојде до политичкиот крај!? И дали е тој веќе политички мртов и само го чека конечното заминување.

Белорусија е последната линија на одбрана на денешната Русија на Путин, нејзиното влијание и потврда како суперсила и заштитата на нејзините територии.

Многу освојувачи на патот кон Москва ги скршија забите исцрпувајќи се во бесконечните белоруско-украински пространства што беа бедем на Русија. Русија не се чувствува пријатно без тој простор што и обезбедува безбедност и дистанца од западните освојувачи. Тој простор значително се намали во последните 30 години, а порано неговата граница беше на реката Елба.

Белорусија ја тресат неколку неделни масовни протести против владата на Александар Лукашенко, кои всушност го означуваат неговиот крај, но засега никој не може да каже кога тоа ќе заврши, бидејќи, како што истакнуваат странските разузнавачки кругови и белоруската опозиција, Русија полека ја презема контролата над земјата, држејќи го Лукашенко на површина се додека не се најде „нов Лукашенко“ прифатлив за Москва, повеќе или помалку прифатлив за Западот, но и за мнозинството од белоруското население.

Москва, наводно, целосно ја презеде контролата врз главните лостови на власта на Лукашенко – првенствено нејзините тајни служби, КГБ, армијата и полицијата, а руските советници станаа главни во Минск. Во Минск веќе пристигнаа проверените и лојални медиумски кадри на Путин, како што се РТ и некои водечки руски ТВ станици, заземајќи го местото на белоруските медиуми кои одбија да останат лојални на Лукашенко под налетот на протестите.

Покрај тоа, се забрзува спроведувањето на заедничките економски проекти, пред се во енергетиката и земјоделството, со цел што повеќе да се врзе Белорусија со Русија.

Како што стојат работите, Москва целосно ја контролира и управува со власта во Белорусија. Покрај тоа, според концепцијата на руската надворешна политика, Белорусија е стратешки сојузник, а Кремљ сега сака да го активира договорот меѓу Руската Федерација и Белорусија (на денешниот состанокот меѓу Путин и Лукашенко во Сочи ). Тој договор од декември 1999 година е всушност договор за обединувањето на двете земји, односно припојување на Белорусија кон Русија.

Лукашенко е свесен дека во моментот зависи само од волјата на Кремљ, бидејќи за Москва е кристално јасно дека не смеат да дозволат Светлана Тихановска или некој друг од тоа координативно тело на опозицијата да ја сменат траекторијата на Белорусија од Москва кон Брисел.

Наводно, веќе е подготвен нов белоруски Устав како најава за нови избори, и претседателски и парламентарни, но дотогаш Москва мора да формира свои партии и да го најде својот победнички кандидат. Русија мора да размислува брзо затоа што времето истекува а протестите стануваат сè поголеми.