Европа треба да вбризга 300 милијарди евра (355 милијарди долари) во својата телекомуникациска инфраструктура до 2025 година, ако сака да воведе супер брз 5G низ блокот од 27 земји, за да го зајакне економскиот раст и да ги искористи потенцијалот на технологијата, се вели во најновиот извештај.

Студијата на консултантската компанија BCG, нарачана од лоби групата ETNO, доаѓа во момент кога Европската унија се надева дека 5G ќе ја извлече од рецесијата, предизвикана од пандемија со Ковид-19 и да ја преземе водечката улога во уредите поврзани на Интернет.

Но, телекомуникациските оператори на ЕУ не сакаат да инвестираат во 5G мрежите, кои би можеле да ги поддржуваат паметните фабрики и автономните автомобили, поради огромните трошоци. Од друга страна, истакнуваат дека плановите за проширување преку спојувања за да се преземат овие скапи проекти, се спречени од тврдите правила на ЕУ за анти-монопол.

„Потребни се уште 150 милијарди евра за да се постигне целосно 5G сценарио во Европа, додека дополнителни 150 милијарди евра се потребни за да се заврши ажурирањето на фиксната инфраструктура на гигабитни брзини“, се вели во извештајот.

Доцнењата на аукциите на 5G спектарот – бранови неопходни за операторите да почнат да нудат комерцијални 5G услуги – поради промената на фокусот на владите за да се спротивстават на пандемијата, исто така, ја разочараа индустријата.