Американската пошта ги предупреди некои сојузни држави дека треба да обезбедат повеќе време за да ги пребројат гласовите на дописните гласачи на изборите закажани за 3-ти ноември.

Пред претседателските избори во ноември, на кои дури половина од американските гласачи би можеле да гласаат по пошта, поради пандемијата на коронавирус, американската пошта ги предупреди некои сојузни држави дека треба да обезбедат повеќе време за да ги избројат тие гласови.

Американската пошта ги предупреди најмалку три држави – Мичиген, Пенсилванија и Вашингтон – дека постои „значителен ризик“ дека гласачите нема да имаат доволно време да ги пополнат своите гласачки ливчиња и да ги вратат навреме според тековните државни регулативи, кои им овозможуваат да побараат гласачки ливчиња само неколку дена пред изборите.

Постои можност дека значителен број дописни гласови на изборите на 3-ти ноември да останат неизброени ако пристигнат премногу доцна, се вели во предупредувачките писма.

Државните и локалните изборни службеници мора да ги разберат и да ги земат предвид нашите оперативни стандарди и препорачаните временски рамки, рече портпаролката на американската пошта Марта Џонсон. Таа не кажа колку држави добиле предупредувачки писма.

Американската Пошта поради изборите се заплетка во политички спор со власта. Претседателот Доналд Трамп рече дека се спротивставува на финансиската помош на Поштата или за дописното гласање како дел од пакетот помош за економијата поради коронавирусот.

Трамп се спротивставува на дописното гласање во големи размери, сметајќи дека тоа може да доведе до големи изборни измами.

Неговиот главен демократски противник, Џо Бајден, го обвинува Трамп дека се спротивставувал на гласањето по пошта, бидејќи верува дека на тој начин ќе ги зголеми неговите шанси за подобар изборен резултат.

Поштата ги предупреди некои држави дека затоа што гласачите можат да ги побараат гласачки ливчиња помалку од една недела пред изборите, нема да има доволно време да ги испечати, да ги испрати до гласачот по пошта и потоа гласачите да ги вратат.


Напишете коментар