Портпаролот на грчката влада изјави дека ситуацијата со короната на Балканот внимателно се следи, дека ситуацијата се влошува и дека не се исклучува воведувањето дополнителни мерки за патниците кои пристигнуваат по копно кон Грција.

Властите во Грција соопштија дека се подготвени да воведат драстични мерки во борбата против вирусот корона, што може да вклучува забрана за влез на граѓани на земји кои се потешко погодени од вториот бран.

Тие рекоа дека бројот на „увезени“ случаи во таа земја моментно е под контрола, но посочуваат дека „нивниот најголем проблем е увозот на вирусот по копно од балканските земји“.

Го сменивме начинот на кој ги тестираме туристите и се фокусираме на оние кои доаѓаат по пат и преку копно – рече владиниот портпарол Стелиос Пекас.

Тој посочи дека забраните се веќе воведени за патници од Србија, кои веќе не можат со авион да доаѓаат во Грција, но додаде дека не е исклучено „црниот список“ да биде проширен.

Како што истакна тој, од денес се воведува нов план на построги мерки и контроли.

Казните за кршење на регулативите се многу строги, и тие ќе бидат уште поригорозни. Особено кога зборуваме за казни за патниците во јавниот превоз, но не само таму, туку и во патниот, морскиот и воздушниот сообраќај. Се разбира, нашите трошоци ќе се зголемат ако се зголеми бројот на пациенти. Нашите болнички кревети ќе бидат полни. Не смееме да го дозволиме тоа во август и септември, во тие два месеци кога очекуваме прилив на туристи – изјави портпаролот на грчката влада.

Говорејќи за бројките, тој рече дека од 31.169 тестови направени на влезовите во земјата во периодот од 1 до 6 јули, регистрирани се 100 позитивни случаи (0,3 отсто ).

Ние внимателно ја следиме состојбата со епидемијата на Балканот. За жал, безбедноста таму се влошува.

Кога ги отворивме нашите граници кон светот, знаевме дека ќе има увезени случаи, рече Пецас, додавајќи дека Грција минатата година заработила 18 милијарди евра од туризмот.

Ќе почекаме до понеделник за да видиме како се одвиваат работите, а потоа ќе ги преземеме неопходните мерки – рече владиниот портпарол.

Здравствените експерти во Грција се надеваат дека вториот бран на короната, поради добрите временски услови, ќе ги заобиколи на почетокот на есента, но дека неволјите ќе започнат во ноември и декември.


Напишете коментар