Повеќе од 60.000 Белоруси излегоа на митингот на кандидатката на опозицијата Светлана Тихановска, која на претседателските избори на 9 август ќе се соочи со претседателот Александар Лукашенко. Тоа е најголем митинг во Белорусија во подледните десет години, што може да биде показател дека Лукашенко се наоѓа во најтешката фаза од своето 26-годишно претседателствување.

Тихановска е сопруга на истакнатиот опозициски политичар Сергеј Тихановски, која беше уапсен од безбедносните сили веднаш штом рече дека планира да се кандидира на изборите. После тоа, неговата 37-годишна сопруга, дотогаш претежно непозната за пошироката јавност, рече дека ќе се кандидира сама со единствена програма: одржување фер и слободни избори шест месеци по преземањето на власта.

Власта на Лукашенко уапси уште еден лидер на опозицијата, банкар Виктор Барбарико, додека третиот, Валери Цепкало, избега во Русија од страв од прогон. Затоа, Тихановска беше поддржана од сите нив како единствен кандидат на опозицијата.

Тихановска на митинзите изјавува дека сака „мирни промени, а не револуција“. Според аналитичарите, ова се однесува на т.н. обоени револуции што ги соборија недемократските режими во неколку источноевропски земји, од Србија, до Грузија и Украина во 2000-тите. Една таква револуција беше спроведена во Белорусија во 2006 година, но не успеа.

Покрај апсењето на опозициските политичари и активисти, Лукашенко сега влезе во конфликт со Русија. Пред неколку дена белоруските власти уапсија 33 наводни платеници од Русија под обвинение за планирање терористички напади. Минск рече дека дури 200 руски платеници неодамна влегле во земјата за да ја „дестабилизираат ситуацијата“ за време на изборната кампања.

Уапсените Руси, според белоруските власти, се дел од приватна воена компанија Вагнер, чии активности се организирани во Сирија, Украина, Судан и Централноафриканската Република. Москва ја негираше поврзаноста со таа група.

Од 33 затвореници, 14 се бореле на руската страна во Украина, соопштија белоруските власти. И покрај фактот дека Минск и Москва имаат одлични односи, цело време по распадот на Советскиот Сојуз, Лукашенко никогаш не ја призна руската окупација на Крим во 2014 година, бидејќи веруваше дека по руската интервенција во Украина тој би можел да биде следниот. Дали сега дојде времето тоа да се случи!?


Напишете коментар