Унгарската опозиција за прв пат ќе формира обединет фронт против премиерот Виктор Орбан за да се обиде да победи на парламентарните избори во 2022 година, според заедничката декларација издадена во неделата.

Либералната, еколошката, социјалистичките и партијата на екстремната десница имаат намера да и ги „вратат на нацијата слободата и просперитетот ветени за време на промената на режимот“ по падот на комунизмот, се вели во текстот.

За прв пат по враќањето на власт на суверенистот Виктор Орбан во 2010 година, целата опозиција е подготвена да се обедини против премиерот. Партиите се согласија да имаат една листа на државно ниво и еден кандидат во различни изборни единици.

Виктор Орбан повеќепати беше обвинуван од меѓународните организации и ЕУ за поткопување на демократијата во земјата што влезе во ЕУ во 2004 година.

Според анкетата објавена од институт Медиан, 41 процент од гласачите ќе гласаат на следните избори за опозицијата и 39 проценти за партијата на Орбан Фидес.

Популарноста на Орбан падна поради критиките кон него поради лошото управување со кризата со корона и откритието дека неговиот најблизок соработник водел двоен живот откако беше фатен на геј забава во Брисел.

Во заедничката декларација, унгарската опозиција вети дека никогаш нема да соработува со партијата Фидес.