Зборовите на Мирослав Лајчак дека нема рокови во преговорите меѓу Белград и Приштина, но дека има црвени линии, значат дека не е можно Србија да го напушти дијалогот без да го признае Косово во некоја форма и модалитет.

Тоа е ставот на водечките српски аналитичари и експерти за меѓународна политика во врска со последните изјави на специјалниот преставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина. Лајчак повеќе се однесува како портпарол на Германија отколку како посредник во дијалогот, велат тие.

Мирослав Лајчак исто така изјави дека процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина ќе биде динамизиран, наведувајќи дека партнерите од ЕУ ќе се состануваат во Брисел неколку пати месечно со цел што е можно побрзо да се постигне сеопфатно решение. За ова, како што самиот вели, тој ги информирал претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти.

Според нив, Лајчак веројатно мислеше дека нема да има промена на границите и дека тоа е „црвената линија“, затоа што тоа е официјална политика на Германија.Од тие причини, во Белград проценуваат тоа укажува дека е непроменетата одлуката на Германија да нема менување на границите и поделба на Косово.

Откако Кипар стана дел од Унијата, во Брисел постојано се повторуваше дека повеќе не сакаат да прифатат држави кои го немаат решено прашања за територијалниот интегритет и дека не сакаат да го повторат тој преседан. Така на таа работа гледаат во Србија.

Овде не станува збор само за тоа што ЕУ не сака да увезува проблеми, туку дека некој, во случајов Србија, мора да го реши својот проблем пред да влезе во ЕУ. Значи, највлијателните земји на ЕУ го признаа Косово и преку властите и апаратите на ЕУ, тие сакаат да нè принудат да го признаеме Косово кое е нелегално одземена територијата на Република Србија, велат тие.

Во одреден момент, Америка го разгледуваше концептот за промена на границите и размена на територии меѓу Белград и Приштина, но тоа беше многу брзо ставено под мраз и никој точно не знае за што станува збор. Затоа Лајчак се почесто говори дека не им треба „трет играч“ во преговорите. А специјалниот претставник на претседателот на САД, Ричард Гренел, официјално не го известил Лајчак за средбата меѓу Белград и Приштина во Вашингтон на 4 септември.

Дипломатите во Белград потсетуваат на старото правило дека сите изјави во дипломатијата треба да се земат со резерва и дека тие се сомневаат дека нема координација помеѓу Лајчак и Гренел.

Затоа во Белград стравуваат дека Лајчак е само гласникот кој им ја испрати пораката и на Берлин и на Вашингтон!?


Напишете коментар