Помина незабележано во јавноста, дали од замор или намерно, на прес конференцијата на која ја соопшти листата министри од СДСМ, за состав на новата влада, Зоран Заев го промовираше генералниот секретар, Љупчо Николовски во втор човек во партијата.

Планирав на Николовски да му ја оставам да ја води партијата, рече на таа прес конференција Зоран Заев. Тоа укажува дека во внатрешната структура на партијата можеби доаѓа до малку поинакво распоредување на силите и на моќта.

Дотолку повеќе што од 2013 година наваму СДСМ е организирана врз малку поинакви основи. Односно, веднаш по доаѓањето на Зоран Заев на чело на СДСМ беше сменет Статутот на партијата и беа направени две крупни промени.

Прво, беше воведена функцијата Заменик Претседател на СДСМ. Со статутарна одреба дека Заменик Претседателот на СДСМ се избира на Конгресот на партијата, значи од истиот орган кој го избира и Претседателот на парртијата.

Во член 27 од Статутот на СДСМ се јасно дефинирани надлежностите на Конгресот на СДСМ како највисок орган на партијата. Меѓу другото, Конгресот го избира претседателот на СДСМ. И Конгресот го избира заменик претседателот на СДСМ, на предлог на претседателот на СДСМ.

До 2013 година Конгресот на СДСМ ги избираше претседателот и генералниот секретар. Но, по промена на статутот на партијата генералниот секратар го избира Централниот одбор на партијата од составот на членовите на самиот Централен одбор.

На тој начин и по таа процедура и Оливер Спасовски и Љупчо Николовски беа избрани за генерални секретари на СДСМ. Што ќе рече дека хиерархијата беше јасно поставена: Претседател, Заменик Претседател, Генерален секретар. Или Заев, Шекеринска, Николовски ( пред тоа Спасовски ).

По изјавата за Заев, дека планира на Љупчо Николовски да му го остави водењето на парртијата и во најголем дел кадровските работи во партијата станува јасно дека Николовски во сегашниот распоред на силите е човек број 2 во СДСМ. Пред Шекеринска, пред Спасовски и пред потпретседателите на партијата. Односно, се промовира или поточно речено Заев го промовираше во личност од негова најголема доверба.

Дали и како тоа ќе се одрази на следните кадровски разврски во СДСМ и во владата ќе видиме но факт е дека дел од луѓето на Шекеринска не се веќе дел од владата, а станува збор за Дамјан Манчевски, Рената Дескоска Треневска, Роберт Поповски итн.

Во минатото Шекеринска покажа дека тешко се откажува од своите позиции така што треба да се сочека нејзиниот одговор.


Напишете коментар