По денешната втора лидерска средба, на која нема договор за датум за предвремените парламентарни избори, лидерот на СДСМ ќе мора да најде одговор на три (не)познати. Колку му е лојален Али Ахмети? Колку му е лојален Стево Пандаровски? Колку може да верува во поддршката на меѓународната заедница?

Ставот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека за изборите се важни две работи-здравјето на граѓаните и консензус на политичките партии повеќе е мицковистичко отколку заевистичко гледање на работите. Дали Ахмети и Мицковски имале или немале тајни средби во овој период и не е толку битно колку што е клучна работата дека коалицијата на СДСМ и ДУИ не е природна коалиција. Јак СДСМ со влијание во албанскиот електорат е долгорочна закана за ДУИ и Али Ахмети.

Одбивањето, поради процедурални и законски причини да биде свикано Собранието од страна на Талат Џафери, им обезбеди на ДУИ можност да спречат можно формирање на ново мнозинство меѓу СДСМ, Беса, независните пратеници и на тој начин во пресрет на изборите ДУИ да не биде дел од власта. Тоа ќе беше природен крај на таа ни вода ни киселина коалиција меѓу Заев и Ахмети. Поради таа коалиција со Ахмети, Заев ја изгуби коалицијата со Алијансата на Албанците и Зијадин Села со што губат и Заев и Села. Заев бидејќи мора да коалицира со Ахмети и на тој начин бомбите и предметите за функционерите од ДУИ да не бидат процесуирани, што ги прави веќе 20 години луѓето од ДУИ граѓани за кои не важат законите во државата. А од друга страна Села ќе треба да коалицира со групи кои учествувале во неговото тепање на 27 април 2017 година. Без разлика што политичарите имаа стомак кој може да свари многу работи, има работи што потешко се варат.

Како ќе се однесува Пендаровски? Никогаш Заев и Пендаровски не беа во добри односи. Дури на последниот ден кога требаше да се донесе одлуката за кандидатот на СДСМ на ланските претседателски избори е одржана средбата меѓу Заев и Пендаровски на која Заев му го соопштува на Пендаровски партискиот став дека тој ќе биде нивен претседателски кандидат. Инаку, Пендаровски, ако не беше предложен од СДСМ, размислувал да оди како независен кандидат на изборите. Во изминатиот период имало неколку средби на Пендаровски со луѓе кои важат за блиски на Бранко Црвенковски и во наредниот период ќе видиме што ќе одлучи тој, дали ќе биде со Заев или против Заев во врска со датумот на предвремените избори. Јавна тајна е дека Пендаровски беше незадоволен од некои постапки на СДСМ и на тогашниот министер за внатрешни работи, а сега технички премиер, Оливер Спасовски, во првиот круг на претседателските избори, но Пендаровски е прагматичен и ако добие сигнали дека странците играат на Заев и тој ќе биде заевист.

И остануваат странците. На странците им треба човек во ВМРО ДПМНЕ кој ќе може да направи дисконтинуитет со Никола Груевски, затоа многу вложуваа во Мицкоски, но сега не се до крај сигурни дали Мицкоски има сила да го финализира тој процес. Тоа е ребусот на Мицкоски, ако расчистува со Груевски ќе нема пари да ја води партијата и кампањата. Затоа Мицкоски купува време. Но времето не може да го реши неговиот клучен проблем-нема политичка храброст и одлучност. И тоа е сериозна закана за политичката кариера на Мицкоски. Затоа ваков Мицкоски му треба на Заев. Преку таков политички карамбол, политички да инвестира во Мицкиски, Заев ги зајакнува своите позиции кај странците.

И тоа се неколкуте важни поенти по денешната лидердска средба. Заев сака избори но непознато е колку си ја има завршено домашната задача. Да ја има поддршката на странците, Пендаровски и Ахмети. Ако тоа го нема направено, тогаш може да очекува некоја “атомски од десно” и од Ахмети и од Пендаровски. Тоа многу брзо ќе го видиме.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *