Демократскиот кандидат за Претседател на Америка, Џо Бајден го презема водството во Пенсилванија! Тој во моментов има 5587 гласови повеќе од Доналд Трамп, пренесува Си-Ен-Ен.

Во текот на ноќта имаше промена: Од 31.412 добиени гласови, 87 отсто отидоа на контото на Бајден. Бајден доби 27.396 гласа, а Трамп само 3.760 гласа.

Трката е сеуште неизвесна, Бајден во моментов има 3.295.319 гласови, а Трамп 3.289.725. Остануваат да се избројат помалку од 150.000 гласови во таа држава, која носи 20 електорски гласови.

Трамп не може да биде реизбран за Претседател, освен ако не освои 20 електорски гласови во Пенсилванија, без оглед на тоа колку и во кои други држави да победи.

Победата во Пенсилванија ќе му донесе на Бајден 20 електорски гласови, надминувајќи ја магичната граница од 270 гласови. Бајден досега има 253 или 264 електорски гласови, бидејќи некои медиуми веќе ја признаваат неговата победа во Аризона, а некои не. Трамп застана на 214 електорски гласови.

Демократскиот кандидат, Џо Бајден, исто така, го презеде водството во Џорџија со нешто повеќе од 1.000 гласови.