Стратегијата на Шведска да се бори против епидемијата на коронавирус повторно се најде под удар на критиките откако во јавноста беа објавени дел од е-маил пораките на водечкиот епидемиолог во земјата Андерс Тегнел кој во тие пораки јасно ја потенцира дилемата: дали ако се дозволи поголема смртноста кај постарите лица тоа би било прифатливо ако доведе до побрзо стекнување на имунитет на стадото, пишува „Гардијан“.

Шпекулациите околу можните ставови на водечките шведски експерти за јавно здравје беа дополнително засилени откако се покажа дека Тегнел, архитектот на стратегијата за борба против коронавирусот што не вклучува карантин, избришал некои од неговите е-маилови.

Тегнел во неколку наврати повтори дека целта на владата не е да се развие брз имунитет на стадото, туку да се забави ширењето на вирусот до тој степен за здравствениот систем да може ефикасно да се справи со епидемијата.

Меѓутоа, е-маил коресподенцијата до која дојдоа шведските новинари преку законот за право до пристап до информациите, покажува дека уште кон средината на март Тегнел зборувал за имунитетот на стадото како цел на неговата политика, односно во деновите кога Светската здравствена организација ја прогласи пандемијата Ковид-19.

Во една од е-маил преписките, Тегнел му испратил на својот фински колега Мики Салминен и на директорот на шведската Национална здравствена агенција (ФХМ)
е-маил од пензиониран лекар во кој се сугерира дека против епидемијата може да се бори така што ќе им се овозможи на здравите луѓе намерно да се заразуваат со вирусот под контролирани услови.

Една од точките би била да бидат училиштата отворени за да се стекне побрз имунитет на стадато, коментирал Тегнел.

Салминен одговори дека Финската здравствена агенција го разгледала ова, но дека се откажала затоа што „децата ќе ја пренесат инфекцијата на други возрасни групи со тек на време“. Финскиот модел сугерирал дека затворањето училишта ќе го забави ширењето на вирусот кај постарата популација за околу 10 проценти. Тегнел одговорил: Би можело да биде исплатливо за тие десет отсто?

Тегнел, кој постојано тврди дека децата доживуваат претежно благи симптоми на „Ковид-19“ и дека не го шират вирусот на поголем дел од населението, негира дека властите решиле да ги остават училиштата отворени за да остварат имунитет на стадото.

Шведска ги затвори училиштата за сите ученици над 16 години, но ги остави отворени за помладите ученици и инсистираше на нивно присуство во училниците. Семејствата кои ги чувале своите деца дома биле пријавувани кај социјални служби и им се заканувале ригорозни казни. Ова важеше дури и за семејства чии членови припаѓале на високо ризични групи ако бидат заразени од кобид-19.


Напишете коментар