Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК утре претпладне, во 10 часот, ќе одржи седница на која ќе биде разгледан планот на Министерството за здравство, кои објекти треба да се обезбедуваат.

Како што изјави за МИА в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, Армијата при обезбедувањето само ќе и асистира на полицијата и ќе биде на своите позиции без оружје.

-Ние веќе добивме од Министерството за здравство план на објекти кои треба да се обезбедуваат. Утре ќе го разгледаме и ќе го дадеме на МВР да го операционализираат. Ќе побараме од соодветните служби на Министерството за внатрешни работи, во делот на обезбедување, да изготват план – дали се прифаќаат сите точки, дали е доволно покривање во една смена или 24 часа. Врз основа на тоа, ќе предвидат луѓе кога би ротирале во три смени. Тогаш ќе ја имаме ние вистинската слика, објасни Ангелов.

Акцискиот план, потсети, сè уште не е поминат и одобрен од Управувачкиот комитет, затоа не може да се процесуира, а треба да помине и на Влада.