За утре ( сабота ) е закажана седница на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ на која ќе треба да се донесе одлука дали партијата ќе ги бојкотира или ќе учествува на градоначалничките избори во Штип закажани за 13 декември.

Пред три дена по тогашната седницана ИК на партијата, носителката на изборната листа на ВМРО ДПМНЕ во шестата изборна едницица, а сега член на ИК на партијата, Дафина Стојановска на прес конференција пред партиското седиште побара одложување на изборите.

Нема услови за одржување на локални избори во Штип и Пласница и истите треба да се одложат се до обезбедување на пристојни и нормални услови за функционирање и фер изборна кампања, што беше и едногласен став на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, рече Дафина Стојановска.

Според Стојановска, која го пренесе партискиот став зошто треба да бидат одложени изборите, во овој момент поради кризата со ковид-19 не постојат услови за избори во Штип и Пласница.

Изразуваме длабока загриженост за развојот на здравствената и економската криза поврзана со ковид заразата. Евидентно е дека Владата, Зоран Заев и министерот Филипче немаат контрола над работите и исклучително лошо менаџираат со целокупната состојба, рече таа.

Слични беа ставовите на ВМРО ДПМНЕ и пред изборите на 15 јули. Тогаш правеа се тие избори да се одложат за во септември. На крај, сепак мораа да го прифатат избори на 15 јули. Иако партијата ги изгуби изборите, лидерот Христијан Мицкоски никогаш не го призна поразот на парламентарните избори и денес се уште ја користи тезата да не беа гласовите на Баса на тие избори победник е неговата партија.

Членот на Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО ДПМНЕ, Борче Стамов го обвини Мицкоски дека води кукавичка политика и дека се плаши од изборно соочување со СДСМ во Штип:

Мицкоски се бори само кога е во прашање неговата фотеља, а не и интересите на членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните, вели тој.

Според Стамов, Мицкоски кукавички одлучи да бега од изборно соочување во Штип, препуштајќи го без борба вмровскиот бастион на истокот.

Неговиот повик за одложување на изборите не е ништо друго освен страв од сопствената неспособност и комплексите кои ги има од загубените битки со СДСМ, смета Стамов.

Повикувајќи се на членови на највисокото партиско тело на ВМРО ДПМНЕ, порталот media.mk во денешната анализа објави некои инсајдерски поенти од завчерашната сеница на Извршниот комитет на партијата.

Ако излеземе на избори во Штип, СДСМ може да не збрише. Тој пораз ќе значи аргумент плус за оние кои бараат смена на раководството. Па ако сакате тука наместо вас да заседне иницијативниот одбор или другите групи кои се кренаа за да бараат одговорност, тогаш гласајте за да одиме на избори, ова биле главните аргументи на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници со кои ги убедувале членовите на Извршниот комитет да ја поддржат идејата за бојкот на завчерашната седница, пишува media.mk во својата денешна анализа.

За да го намали притисокот врз себе и тоа да не биде разбрано во јавноста како негово бегање од изборите и страв од пораз во Штип ( како што лани ги изгуби локалните избори во Ново село и Охрид ) Христијан Мицкоски влезе во процес на правење коалиција со албанските партии Алтернатива и Алијанса на Албанците кои исто така не прифаќаат да учествуваат на локалните избори во Штип и Пласница. Против избори во Штип е и партијата Левица.

Пред два дена генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во интервју за локалната штипска телевизија Стар не остави ни најмала шанса за одложување на изборите во Штип.

„СДСМ има огромно водство, ние водиме на сите анкети пред локалните избори во Штип и затоа ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се плашат од пораз. Изборите ќе се одржат, а Сашко Николов е идниот градоначалник на Штип. Овие избори ќе бидат според сите стандарди, протоколи и заштитни мерки, здравјето на граѓаните ќе биде заштитено, и навистина не постои реална причина изборите да се одложат, рече Николовски.

Сега треба да се сочека утрешната одлука на ИК на ВМРО ДПМНЕ. Рокот за поднесување кандидатури истекува во недела на полноќ. На твитер беше објавено дека Мицкоски се решил да оди на бојкот на изборите откако некои видни членови на партијата со највисок рејтинг меѓу штипјани не ја прифатиле неговата понуда да бидат кандидати за градоначалници.

Што ќе прави Зоран Заев? Ќе се обиде да држи отворена кавгата во рамки на опозицијата. Можно е да се случи да го остави Мицкоски да побара бојкот на изборите, за да можат да му водат кампања од типот-вечниот губиник Мицкоски повторно бега од изборите, а на крај сепак за да го остават Мицкоски на чело на ВМРО ДПМНЕ да му фрлат гума за спасување и да ги одложат локалните избори во Штип и Пласница.