Зошто Никола Димитров е тргнат од преговорите меѓу Македонија и Бугарија? Во изминатите неколку недели во Софија на средби и разговори беа и премиерот Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, а како емисари на добра воља прво беше испратен Љубчо Георгиевски, а сега како официјален владин преставник во Софија и поранешниот премиер Владо Бучковски.

Само Димитров не беше вклучен во тие преговори што е повеќе од чудно. Тука се поставуваат две прашања. Прво, на што се должи тоа тргање на Димитров од преговорите. И второ, дали бугарската страна барала од Зоран Заев да го тргне Димитров од преговорите? Одговорот на двете прашања или дилеми е потврден.

Против Димитров веќе подолго време се водеше кампања од Софија за негово елимирање. Таа кампања се води преку агенцијата на гневниот и фрустриран сопственик на агенцијата БГНЕС, Љубчо Нешков. Преку БГНЕС му беше испратена пораката на Никола Димитров од европратеникот Андреј Ковачев.

Бугарскиот европратеник и еден од најголемите познавачи на бугарско-македонските односи Андреј Ковачев денес потсети на напишаното во книгата „Името и умот” објавена во 1999 година од Димитар Димитров, поранешен министер за култура на Македонија и татко на сегашниот вицепремиер за европски прашања и поранешен дипломат број 1 на Македонија Никола Димитров. Ковачев го цитира најважниот заклучок во книгата на Димитров, пишува БГНЕС и додава:

Најголемиот грев на Македонците беше што тие беа Бугари и дека Европа, преку Грција и Србија, не им дозволи да продолжат да бидат такви. Да се ​​предадат? Од Дамјан Груев до Мисирков, од Христо Узунов до Стојан Мишев, од Шарло и Ченто до Колишевски и Глигоров, крвари и распнува на крст еден народ. Како да избегаш од овој грев, кој ја претставува твојата суштина, тоа кое си самиот ти?

Како главен извршител на таа кампања против Никола Димитров во Македонија беше потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски. Токму преку Николоски беа пласирани главните бугарски пораки во Македонија. Прво со посредство на Андреј Ковачев на кого со логистика на Николоски му беа организирани неколку интервјуа во Македонија.

Потоа во кампањата се вклучува и самиот Љупчо Нешков главен во таа бугарска логистика во Македонија. Во интервју за тв каналот Брисел 1 Нешков го кажува следното за Димитров.

Таму си има конкретен виновник за тоа што се случи за почетокот на преговорите, а тоа е поранешниот министер за надворешни работи или сега министер за евроинтеграции Никола Димитров кој брутално почна да ги саботира меѓусебните односи, вели Нешков и објаснува:

Јас освен што сум роден во Скопје, сум завршил и долго сум живеел во Брисел и оценката за Никола Димитров во моментот е потврдена, вели тој во интервјуто за Брисел1.

Според Нешков, убаво би било македонскиот премиер да се замисли за резултатите од неговата дипломатска мисија и резултатите од неа.

На прашањето што зборуваат во Брисел за Димитров, Нешков одговара:

Тој е поопасен од коронавирусот!

Своето тврдење Нешков го објаснува на следниот начин:

Затоа кога Димитров доаѓа во Софија и се прегрнува и бакнува со нашите дипломати потоа си заминува и зборува се обратно од тоа. Кога го кажувам тоа немам во предвид некој чиновник од 23 кат на 63 блок во Брисел туку од централата на Европската Комисија и водечките еврокомесари со кои тој се сретнува, вели Нешков.

Така Димитров е тргнат од преговорите бидејќи очигледно Бугарите проценија дека е тој најголема опасност за нив и дека со своите врски во Брисел успеа да ја прикаже како апсурдна целата бугарска политика во однос на Македонија.