Зоран Заев како Претседател на СДСМ и предводник на Коалицијата Можеме, која на изборите освои најмногу пратеници или вкупно 46 мандати, денес од Претседателот на државата Стево Пендаровски доби мандат за составување на новата влада.

Заев најави дека новата влада ќе има мандат од четири години и дека освен локалнитре избори идната година до 2024 година нема да има нови избори кога во пакет ќе бидат спроведени парламентарните и претседателските избори.

Според Заев, сериозни партии го слушаат гласот на народот и ако една од клучните пораки на СДСМ на овие избори беше дека ДУИ треба да оди во опозиција тие ќе ја почитуваат вољата на граѓаните и ќе преговараат со ДУИ да формираат нова влада. Но исто така, вели Заев, и ДУИ требс да ја слуша вољата на мнозинството граѓани кои на овие избори гласаа за коалицијата Можеме.

Ние ќе направиме се да се договориме за влада со ДУИ, но ако тоа не успее тогаш, ќе имаме на располагање и други можности. За разлика од 2016 година, кога партијата која освои најмногу мандати не формираше влада, јас сега ќе успеам да формирам Влада иајави Заев.

Досега во три наврати, партијата или мандатарот кој добил мандат не успеале да формираат влада.

Во првиот случај тоа беше 1992 година, по изгласувањето недоверба на владата на Никола Кљусев, мандатот за формирање нова влада го доби ВМРО ДПМНЕ но во уставниот рок од 20 дена Љубчо Георгиевски и ВМРО ДПМНЕ не ја формираа владата и го вратија мандатот.

Потоа, таа 1992 година, мандатот му беше доверен на СДСМ кој го предложи Петар Гошев ( кој тогаш веќе не беше лидер на таа партија ) но Гошев поради проблеми околу состравувањето на владата во август 1992 година го врати мандатот бидејќи не сакаше да биде политичар за еднократна употреба.

Тогашниот Претседател Глигоров со одредени правни дриблинзи мандатот кој го врати Гошев повторно му го доверува на СДСМ и иако имаше повеќе кандидати за нов мандатар ( Благоја Ханџиски, Јован Андонов Реган итн. ) на долга седница на партиските тела на СДСМ ( и поокрај противењето на Глигоров ) мандатот за состав на новата влада го доби догашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски. Во септември 1992 година во Собранието беше избрана првата влада на Бранко Црвенковски.

Има една пикантност која не е позната на македонската јавност а се однесува на формирањето влада по изборите 1994 година. Во текот на формирањето на владата се случува конфликт меѓу Стојан Андов, тогаш Претседател на Либералната Партија и Бранко Црвенковски, Претседател на СДСМ. Црвенковски долго ја формираше таа влада и се закануваше опасност дека таа нема да биде формирана во рамки на дозволениот уставен рок. Еден час пред истекот на уставниот рок на новинарите им беше кажано дека нема ништо ново и дека можат да си одат дома, за во еден часот по полнок да бидат информирани дека владата е формирана. Тогаш во доцните вечерни часови или раните утрински часови Бранко Црвенковски држеше прес конференција во тогашната зграда на Владата ( а подоцна седиште на Министерството за надвотрешни работи на улица Даме Груев ) каде ги соопшти имињата на новите министри. Но остана дилемата дали беше запазен уставниот рок и дали владата беше составена пред полноќ или беше пробиен рокот од 20 дена.

И последниот случај е од 2017 година. Никола Груевски го доби мандатот но не можеше да ја формира новата влада. Сите договори беа завршени и ресорите поделени но последниот ден во телефонски повик Али Ахмети му соопштил на Груевски дека ( под притисок на меѓународната заедница!?) се повлекува од таа влада. Во ВМРО ДПМНЕ тогаш постоеше структура која бараше од Груевски да предложи нов кандидат од ВМРО ДПМНЕ за мандадат, но Груевски тоа не го прифати.

Најчесто споменувано име за резервен мандатар беше Кирил Миновски, тогаш на функцијата министер за финансии. Луѓето блиски на Сашо Мијалков тогаш се залагаа ВМРО ДПМНЕ и ДУИ да формираат нова влада но без Груевски како премиер. Потоа следеа оние силни протести против тиранската Платформа што резултираше со настаните од 27 април и дури после тие случувања во Собранието Зоран Заев доби мандат од Ѓорѓе Иванов за формирање на новата влада.

Ќе видиме дали сега Заев ќе успее да ја формира новата влада во уставниот рок од 20 дена?


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *