Дали премиерот Зоран Заев планира да го испрати поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во специјална мисија во Софија?

Искуството на Георгиевски, како и врските на Љубчо во Софија можат да помогнат Скопје и Софија да излезат од ќорсокакот во кои се сега влезени.

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, вчера, во своето интервју за Телевизија Алсат М најави свое одење во Бугарија и во Софија, со задача да помогне во откочувањето на историските преговори меѓу Скопје и Софија кои полека влегуваат во слепа улица.

Во тој меморандум има доста непријатни и недипломатски работи и беше вишок во нашите односи. Ние имаме изворни информации и подолго време се обидувам преку мои познанаци, а и планирам да отидам таму. Ќе се обидам да разбијам неколку тези таму, изјави поранешниот премиер во тоа интервју.

Според Георгиевски, Софија не ги цени доволно напорите што ги прават Стево Пендаровски и Зоран Заев.

Јас никогаш кога сум бил премиер не сум кажал дека Гоце Делчев е заеднички јунак на Македонија и Бугарија, затоа што ќе ме растргнеле тогаш во македонската јавност. Сум кажал дека треба да го преиспитаме нашиот однос према Бугарија. Сум кажал дека Бугарите биле поголеми пријатели кон Македонија отколку што сакала да ни ги прикаже југокомунистичката историографија. Меѓутоа ваква изјава од типот дека Гоце Делчев е и македонски и бугарски херој јас немам кажано. Сметам дека сон на бугарската политика, долги години, беше да добие таква изјава од македонска страна, и сега одеднаш кога ја имаат таа изјава имам чувство како да не сфаќаат што значи за еден македонски политичар да каже – чекајте, Гоце Делчев е заеднички јунак, рече Георгиевски.

Во анализа во емисијата Во Центар, пред две недели, беше анализирано прашањето за политичката блискост меѓу Зоран Заев и Љубчо Георгиевски. Иако почесен претседател на ВМРО ДПМНЕ, Георгиевски на овие избори беше во коалиција со Заев и токму гласовите на ВМРО НП беа пресудни Заев да победи на изборите.

На изборите на 15 јули имавме по малку чудна ситуација поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ да биде многу поблизок со ставовите и политиките со Заев отколку со својата ВМРО ДПМНЕ ( на чие чело беше 13 години ) и Христијан Мицкоски. За разлика од тоа на овие избори Мицкоски беше помаган од Бранко Црвенковски и неговите луѓе.

Заев сега со задоцнување од 20 години како да ја спроведува политиката на Љубчо Георгиевски од 1999 до 2002 година. Нишки договор со СПЦ за решавање на црковното прашање. Договор со Грција за име Горна Македонија. И договор со владата на Иван Костов во Бугарија.

Затоа не треба да чуди фактот, ако во договор со Заев, Љубчо Георгиевски оди во специјална мисија во Софија. Со или без благослов на владиката Наум кој е исклучително близок и со Заев и со Георгиевски. Но и со уште еден битен играч а тоа е Јордан Камчев!