Демократите, кои имаат мнозинство во (долниот) Претставнички дом на Конгресот на САД, побараа да се зачуваат податоците за истрагите против Доналд Трамп

Не кријат дека имаат намера да ги продолжат истрагите и тврдат дека тие не довеле до импичмент само затоа што биле попречувани од администрацијата на Трамп.

Во таа смисла, претседателите на 21 комитет на Претставничкиот дом испратија барања до Белата куќа и на најмалку 50 други адреси во врвот на администрацијата на САД.

Во писмото што тие го испратија се тврди дека Белата куќа четири години „спречувала бројни истраги во Конгресот, одбивајќи да ги даде потребните информации“.

Тие бараат „да се обезбедат сите податоци што претходно ги побарал Конгресот, како и информациите чие чување е пропишано со закон, да бидат зачувани и правилно архивирани за да можат лесно да се најдат“.

Со предупредување: „Претседателот на Соединетите држави е должен да обезбеди неповредливост на сите овие податоци“.

Во септември 2019 година, демократите ја започнаа постапката за импичмент на Трамп на Конгресот, тврдејќи дека тој ја уценувал Украина во истрагата против Џо и Хантер Бајден.

Сенатот на САД, кој е под контрола на републиканците, го ослободи Трамп од сите обвиненија.