Членовите на организацијата StandUpX се собраа во Лондон за да изразат незадоволство од воведените мерки против коронавирус и вакцинација, пренесува Анадолија.

Членовите на групата се собраа на плоштадот Трафалгар, иако во Велика Британија е забрането да се соберат повеќе од шест лица. Демонстрантите сметаат дека со мерките се ограничиле нивните права и нивната слобода.

Учесниците истакнаа транспаренти на кои пишуваше „Ние не одобривме“, „КОВИД-19 измама“, „Кога тиранијата стана закон?“ и побара укинување на мерките.

Демонстрациите, на кои учествуваа околу 2.000 луѓе, се одржаа под засилени безбедносни мерки и не беа пријавени никакви инциденти.

За време на протестите минатата недела имаше судир меѓу демонстрантите и полицијата, а 32 лица беа приведени.

Во Велика Британија вчера беа потврдени 6.874 нови случаи на инфекција, што е рекорден број од појавата на КОВИД-19.

Со 41.936 смртни случаи, Велика Британија е земја со најголем број на жртви од КОВИД-19 во Европа, а бројот на нови инфекции продолжи да расте од август.

На 20 септември, научниот советник на британската влада, Патрик Валанс, предупреди дека бројот на лица заразени со коронавирус ќе се зголеми двојно секоја недела и дека доколку овој тренд продолжи во средината на октомври, може да има околу 50.000 нови инфекции на дневна основа.

Според новите мерки во земјата, во барови и ресторани давањето услуги е дозволено само на масите, а работното време е до 22 часот.

Маските мора да се носат во продавници, такси и објекти во секторот за сместување, а од 28 септември бројот на гости на свадби ќе се намали од 30 на 15.

Поради влошената епидемиолошка состојба, собирот на повеќе од шест лица е забранет од 14 септември, а планот за делумно отворање на стадионите на 1 октомври е откажан.

Како дел од мерките, предвидена е парична казна од 200 фунти за неносење маска и непочитување на забраната за собирање шест лица.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека овие ограничувањата ќе бидат на сила шест месеци.