Претставничкиот дом на САД оваа недела ќе започне со постапката за импичмент на републиканскиот претседател Доналд Трамп , изјави претседателот на долниот дом на Конгресот, каде доминираат демократите, Ненси Пелоси, цитирана од светските агенции.

Пред тоа, Претставничкиот дом сепак ќе побара од потпретседателот Мајк Пенс и членовите на кабинетот да се повикаат на 25-тиот амандман на Уставот на САД и да го прогласат Трамп за несоодветен да ја обавува функцијата претседател.

Причината за тоа е што Трамп, кој одби да ја признае својот пораз од демократот Џо Бајден на претседателските избори во ноември, ги поттикна своите приврзаници да го нападнат Капитол во средата со своите неосновани тврдења дека му е одземена изборната победа.

Во писмото до нејзините колеги од Претставничкиот дом, претседателка Пелоси напиша дека долниот дом на Конгресот ќе дејствува свечено, но и итно, бидејќи остануваат само уште неколку дена до крајот на мандатот на претседателот на 20 јануари.

Демократите во Претставничкиот дом денеска се очекува да презентираат обвиненија зошто ќе биде потребен импичмент на Трамп. Гласањето може да се одржи утре.

Трамп е на пат да стане првиот претседател во историјата на САД на кој двапати му беше водена постапка за импичмент. Претставничкиот дом контролиран од демократите веќе гласаше за импичмент на републиканскиот претседател во декември 2019 година под обвинение за притисок врз неговиот украински колега Володимир Зеленски.

Сепак, Сенатот контролиран од републиканците го ослободи Трамп од обвинувањата во февруари 2020 година.

Џо Бајден треба да даде заклетва за претседател на Соединетите држави на 20 јануари.