Скендер Исени е член на СДСМ. Можеме да кажеме и политичар од СДСМ. Беше претседател на бордот на јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простот. Потоа владата го разреши од таа функција бидејќи на неговиот фејсбук профил имаше објавено снимка од свадбена прослава на која се гледа дека има пиштол кој го носи во појасот.

На претседателските избори во 2019 година, Исени јавно напиша дека работи во штабот на Блерим Река, бидејќи не се согласува со тогашната политика на генералниот секретар и шеф на штабот на СДСМ, Александар Кирацоски.

Но неговите фејсбук статуси и јавни настапи предизвикуваат внимание во јавноста. Денес на својот фејсбук профил Исени ги праша Албанците како тоа не го познаваат македонскиот јазик, се прават патриоти и не го зборуваат, а во исто време ги користат сите привилегии на државата како што плати, пензии и социјална помош.

Многу често ми стигнуваат скриени критики во мојот месинџер дека не сум ја почитувал двојазичноста. Овде малку да ги разјасниме јавно некои работи, пишува Исени на фејсбук и додава:

Никој не ми го скратил правото да пишувам на албански, но ни на македонски. Македонскиот ми е државен јазик и секогаш го почитувам и ќе го почитувам јазикот на државата, а aлбанскиот ми е мајчин јазик и никој никогаш ниту ми го скратил правото да го зборувам, да го пишувам или користам, пишува Исени.

Јас сум убеден, вели Исени, дека поголемиот дел на Албанците кои живеат во нашата држава добро го владеат македонскиот јазик, го читаат и го пишуваат, а се прават скриени патриоти во позадина, демек им смета мојата објава, кога во секојдневието истите тие ги користат сите привилегии од државата, плата, пензија, социјална помош. Кога треба да ги користат привилегиите тогаш добро го познаваат државниот јазик, напиша Исени.

Исени го критикува и некористењето или неистакнувањето на македонското државно знаме во средини каде локалната власт е во рацете на етничките заедници кои во тие средини се мнозинство.

Во секоја државна институција, на јарболите е поставено знамето како државен симбол.Никогаш не смее да се симне од јарболите државното знаме или да го нема знамето на нашата држава, вели тој.

Според Исени, со векови намерно се манипулира со јазикот, односно двојазичност, знамиња, протести, политичка пропаганда, а всушност тоа е обид по секоја цена да се манипулира со слабоста на обичниот граѓанин во нашата држава, или добро кажано, раздели па владеј.