Демократскиот кандидат за претседател Џо Бајден и се обрати до јавноста од Вилмингтон доцна вечерта според источно американско време, велејќи дека е на пат да освои повеќе од 300 електорски гласови и дека ќе победи со „јасно мнозинство“.

Сè уште немаме конечна најава за победа, но бројките ни кажуваат јасна и убедлива приказна. Ќе победиме во оваа трка, рече Бајден, кому на сцената му се придружи кандидатот за потпретседател на САД, Камала Харис.

Додека пребројувањето на гласачките ливчиња продолжува и победникот во претседателската трка сè уште не е објавен, Бајден истакна дека има предност во Пенсилванија, Џорџија, Аризона и Невада и е на пат да освои повеќе од 300 електорски гласови.

Потребни се 270 изборни гласови за да се победи, а Бајден е на чекор до таа бројка – тој во моментов е во водство пред претседателот Доналд Трамп со 253 електорски гласови во споредба со 213-те на Трамп.

И според последните податоци од гласачките места, во Пенсилванија, која носи 20 гласови гласови, Бајден во моментов води пред Трамп со 28.833 гласа, во Џорџија (16 електорски гласови) со 4.395, во Невада (6 електорски гласа) со 22.657 и во Аризона (11 електорски гласови) со 29.861 глас.

Демократскиот кандидат за претседател повика на трпеливост. “Ние мора да останеме смирени и да дозволиме процесот да се одвива. Вашиот глас ќе биде почитуван, не ми е гајле колку луѓе се обидуваат да го запрат гласањето, јас нема да го дозволам тоа”, рече тој.

Бајден исто така тврди дека гласачите, ололу 74 милиони, му дале мандат да преземе активности за пандемијата на коронавирус, економијата, климатските промени и системскиот расизам.

„Сакам сите да знаат, од првиот ден, дека ќе го започнеме нашиот план да го ставиме под контрола тој вирус“, рече Бајден, додавајќи дека неговата администрација може да спаси многу животи во наредните месеци.

Бројот на заразени Американци дневно во последните три дена надминува 100 000, а само во петокот имало рекордни 129 000. Од почетокот на пандемијата во САД, повеќе од 236 000 луѓе го загубија животот од коронавирус, а 9,7 милиони Американци се заразени.

Осврнувајќи се на моменталната политичка состојба, тој изјави дека има големи тензии по тешките избори, со што призна дека има големи поделби во Соединетите држави поради кризата со корона, економските нарушувања и тешката претседателска кампања.

Тој ги повика Американците да го остават зад себе гнев и демонизација. “Имаме сериозни проблеми, не треба повеќе да губиме време на партиски војни. Ние сме противници, но не сме непријатели”, рече Бајден.