Бугарија не ја запира Република Македонија за членство во Европската унија, бидејќи такви преговори воопшто нема. Ова го изјави Милен Керемедчиев, поранешен заменик министер за надворешни работи и дипломат со кариера.

Керемедчиев го обвини бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов дека со своите настапи во јавноста предизвика тензии во односите со Скопје и дека на меѓународната заедница и е тешко да ја прифати таа политика на Каракачанов.

Во интервју за Бугарското национално радио, дипломатот појасни дека во моментов се водат разговори во ЕУ за да се донесе одлука „да се започнат разговори за преговори за еврочленство на Македонија и Албанија“.

“Нивната иднина како европски членки е многу далеку во иднината. Ќе има многу пречки што ќе треба да ги надминат. Оваа позиција на Бугарија е хистерична од политички причини во Македонија”, забележа тој.

Според Керемедчиев, може да се објасни притисокот врз Бугарија од страна на Германија, кој е претседател на Советот на ЕУ до крајот на 2020 година.

Германија и г-ѓа Ангела Меркел ја доживуваат својата лебедова песна . За само девет месеци, ќе има нов претседател на демохристијаните, на местото на Меркел, и нова канцеларка. Сите кандидати за нејзиното место се многу поекстремни и помалку дипломатични. Очигледно, Германија и Меркел сакаат ова претседателство да биде запаметено со чекор напред во проширување на ЕУ на Балканот, додаде Керемедчиев.

Тој истакна дека Бугарија прави две главни грешки.

“Тешко е и нејасно да се артикулираат нашите причини за носењето на ваква одлука да не се продолжат преговорите, бидејќи нема вето. Комуникацијата со европските институции е многу тешка. Македонските власти се многу повешти и појасни во објаснувањето на својата позиција отколку што сме ние.

Втората грешка е што ВМРО и Красимир Каракачанов беше оставен да зборува прилично произволно во медиумите и тој не придонесе за ублажување на тонот, барем не од страна на Бугарија. Неговите изјави се арогантни и потценувачки за македонската страна и тие ја зголемуваат напнатоста”, коментираше тој.

Дипломатот беше категоричен дека за Бугарија да има дијалог со Македонија, овие две грешки мора да се отстранат.