Црногорското Министерство за образование го одложи почетокот на учебната година и отворањето на предучилишните установи до 1-ви октомври. До тој период еден од родителите на деца под 11-годишна возраст ќе има право на платен одмор за згрижување деца.

Здравствените власти проценија дека редовниот почеток на учебната година на 1-ви септември „носи ризик по здравјето на децата поради неизвесниот развој на епидемиолошка состојба која, иако е под контрола, сепак е сложена“, соопштија од владата.

Одлуката беше неочекувана, откако Националното координативно тело за инфективни болести, на кое присуствуваше и премиерот на земјата Душко Марковиќ, еден ден порано изјави дека епидемиолошката состојба во Црна Гора се консолидирала.

На надлежните органи за здравство и образование им се дадени препораки да ги интензивираат подготовките за почетокот на учебната година затоа што „на учениците треба да им се овозможи редовно да одат на часови, а децата од предучилишна возраст треба да можат да престојуваат во градинките со највисока можна гаранција за нивната безбедност и заштита на нивното здравје“.

Во Црна Гора во моментов има 1.019 активни случаи на инфекција со коронавирус, а од средината на јуни, кога започна вториот бран на инфекции со ковид-19, починаа 71 лице.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *