Прелиминарните резултати од локалните избори во Босна и Херцеговина донесоа промени на политичката сцена во земјата, а најважен е фактот дека две од трите владејачки национални партии ја изгубија контролата над главните градови како Сараево и Бања Лука.

Во цела БиХ дојде до промени. Овие не се тектонски, туку важни промени, рече Бакир Изетбеговиќ, претседател на Партијата за демократска акција (СДА), во неделата доцна навечер во Сараево.

Во мрачна атмосфера во седиштето на партијата, Изетбеговиќ го призна поразот на неговата партија во трката за градоначалник во три од четирите општини што го сочинуваат градот Сараево, а опозициската коалиција која ја сочинуваат СДП БиХ, Наша странка (НС) и Народ и правда (НиП) ја презедоа власта во уште некои други општини во округот Сараево кои досега беа познати како бастиони на СДА.

Овој опозициски блок, кој за првпат беше формиран во пресрет на локалните избори годинава, освои градоначалнички места во 11 општини, а СДА ја задржа или ја освои власта во 30 општини, но меѓу нив нема ниту еден голем град како што е Зеница, Тузла и Бихаќ.

Изетбеговиќ, сепак, инсистираше на тоа дека и покрај поразите што ги претрпе, неговата СДА остана „најсилната партија во земјата“.

Милорад Додик неволно го потврди поразот во Бања Лука. Додик рече дека тоа не е „мал удар“ за него и ги прекори жителите на Бања Лука дека „не биле фер“ кон неговиот кандидат за градоначалник Игор Радојичиќ, жалејќи се колку СНСД и тој лично инвестирале во градот.

Некој овде играше расипано, рече Додик, кој не е навикнат на порази.

Додик потврди дека кандидатот на СНСД за градоначалник на Бјелина, вториот по големина град во РС, исто така загуби на изборите, каде победи кандидатот на Српската демократска партија (СДС)

Секако дека сме повредени од (изгубената) позиција на градоначалник, рече Додик обвинувајќи ги коалициските партнери за предавство. Тој тврди дека и покрај тоа, СНСД останува најсилната партија во РС затоа што сега има власт во 41 општина, што е една повеќе од порано.