Влијанието на климатските промени не се чувствува подеднакво во различни области. Всушност, сè поголем број на студии покажуваат дека жителите на најсиромашните делови на светот се исто така најчувствителни на ефектите од климатските промени врз здравјето, но исто така и дека имаат најмала веројатност да можат да се прилагодат на нив.

Сепак, не само што сиромаштијата е фактор што влијае врз тоа како луѓето ќе се прилагодат на климатските промени, туку студиите покажуваат дека полот е исто така важен. Климатските промени всушност можат да имаат различни ефекти врз здравјето на мажите и жените, при што жените се почувствителни на нив.

klima

Климатските промени го загрозуваат здравјето на жените, како во време на мир, така и за време на конфликт, покажуваат податоците на американскиот Национален институт за здравство.

Анализата на 130 различни студии открива дека жените и девојчињата во повеќе случаи се соочуваат со посериозни здравствени последици поради климатските промени, во споредба со мажите и момчињата, каде што овој ризик е значително помал.

Истражувањата покажуваат дека жените и девојчињата најверојатно ќе ги загубат своите животи поради големата жештина во Франција, Кина и Индија или во тропски циклони во Бангладеш и Филипини, отколку што е случај со мажите, пренесува Клима 101.

klima1

Во посиромашните делови на светот, кои се посериозно погодени од климатските промени, жените често се оние кои се грижат за домаќинството, децата, но исто така и набавуваат вода и храна потребни за вршење на секојдневни активности.

Кога одат до најблискиот извор на вода, тие преминуваат до неколку километри. Меѓутоа, со сè почести и долготрајни суши, тој пат дополнително се зголемува, бидејќи некои извори се сушат, а условите за одење стануваат исклучително тешки, особено со товарот што го носат.

Природните катастрофи и зголемувањето на соленоста на реките поради зголемувањето на нивото на морето доведуваат до понатамошно влошување на квалитетот на водата. На пример, жените во делови од Индија и Бангладеш се соочуваат со здравствени и економски проблеми затоа што реките стануваат посолени, што доведува до недостиг на вода што може да се користи за храна.

Изворите на вода исчезнуваат, нејзиниот квалитет се влошува и поради овие непријатности, жените имаат дополнителен проблем да вршат активности како што се готвење, чистење и грижа за деца, кои се нивни главни одговорности во руралните делови на светот.

klima2

Сепак, тоа не е најголемиот проблем со кој се соочуваат. Поради климатските промени, со намалувањето на ресурсите, земјата станува се помалку плодна, па затоа растат родово насилство и експлоатација на жени, покажуваат податоците на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).

Климатските бегалци се изложени на дополнителни проблеми. Всушност, кога девојчињата и жените се раселени, тие често не можат да го продолжат своето образование и да обезбедат финансиска независност. Девојчињата бегалци имаат половина од шансите да одат на училиште отколку момчињата бегалци.

klima3

Жените и девојчињата исто така се соочуваат со повисоки стапки на детски бракови, семејно насилство, сексуално насилство и трговија со луѓе како резултат на климатските промени.

Се проценува дека последиците од климатските промени во Малави може да доведат до 1,5 милиони нови невести во следните години. Исто така, податоците од Австралија покажуваат дека нивото на семејно насилство скока по шумските пожари, кои станаа поинтензивни и подолготрајни во последните неколку години.

извор : порта3