Ентони Фаучи посочи кој е најголемиот ризик за ширење на инфекцијата во оваа фаза на пандемијата.
Д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и заразни болести на САД, за канадскиот CBS News изјави дека КОВИД-19 првенствено се шири на ниво на домаќинство, меѓу помалите групи на луѓе.

Тој исто така рече дека тестирањето за асимптоматско ширење на болеста и продолжувањето на практикувањето на основните превентивни мерки како миење раце, физичко растојание и носење маски се клучни за спречување на ширење на вирусот ширум светот.

Еден од најдобрите светски експерти за заразни болести смета дека и покрај првичните успеси во контролата на пандемијата, Канада исто така се соочува со влошување на состојбата.

„Во моментов, целата планета е во неволја“, рече Фаучи.

“Европската унија, ако погледнете во бројот на нови инфекции, е надвор од контрола. Соединетите држави исто така.. Канада, исто така се наоѓа во неволја”, рече Фаучи.

Тој вели дека вирусот се шири првенствено на „ниво на домаќинство“ кај помалите групи луѓе кои можеби дури и не знаат дека се заразени и предупредува дека на ова треба да се обрне внимание, особено кога се ближат празниците и постудените месеци.

„Ако тестирате само луѓе кои покажуваат симптоми, ширењето на инфекцијата во заедницата ќе се пропушти“, предупреди тој.

Фаучи вели дека е изненаден од резултатите од раните испитувања на вакцините Фајсер и Модерна, кои покажале ефикасност од над 90 проценти, но тврди дека сè уште не е време за славење.

„Иако сè уште не е познато дали вакцините ќе обезбедат долгорочен имунитет на КОВИД-19, неверојатно импресивен е фактот дека вакцината Модерна спречи сериозни болести кај учесниците во фаза 3“, рече Фаучи.

Тој се надева дека луѓето ќе бидат вакцинирани против КОВИД-19 до средината на 2021 година, но тој нагласи дека државите не можат да ги напуштат мерките за јавно здравје дотогаш.

„Тоа би било катастрофа“, рече тој, додавајќи дека верува дека вакцината е „помош на патот и светлина на крајот од тунелот“, но дека ни претстои уште долг пат.

Ве повикуваме да ги следите препорачаните мерки – држете се на дистанца, носете маска и избегнувајте собири, тоа е единствениот начин да се спречи ширењето на епидемијата.