Британската AstraZeneca ќе направи дополнителни тестови низ целиот свет за да ја процени ефикасноста на вакцината, објави денеска извршниот директор на компанијата Паскал Сорио, објави Ројтерс, повикувајќи се на агенцијата Блумберг.

Наместо тестовите да бидат префрлени во САД, каде тестирањето на вакцините Фајцер и Модерна е при крај и ќе стартува производството, новите тестови ќе утврдат дали помалите дози на вакцината работат подобро од поголемите, се вели во текстот, како што пренесува Танјуг.

AstraZeneca, која работи на новата вакцина со Универзитетот во Оксфорд, се соочува со непријатни прашања во врска со ефективноста на вакцината, поради што експертите велат дека тоа може да ја намали евентуалната брзина на одобрување на вакцината во САД и ЕУ.