Полицијата привела десетици антивладини демонстранти кои се собраа 13-та недела по ред на протести на кои побараа оставка од Александар Лукашенко и нови избори. Протестите се одвиваат постојано од претседателските избори на 9 август.
Организацијата за човекови права „Вјасна“ објави список од 328 луѓе, кои според нив, денеска биле уапсени.

Апсењата се случиле во Минск, Гомељ, Витебск, Жлобин и други градови. Организацијата соопшти дека дел од уапсените подоцна биле ослободени.

Полицијата во Минск претходно соопшти дека десетина лица биле уапсени поради „недозволени активности“. Во главниот град пред почетокот на протестите имаше многу полиција, а некои области во центарот на градот беа блокирани. Беше ограничен пристапот до интернет преку мобилни телефони, а неколку метро станици во центарот беа затворени, заради безбедност на патниците“.

До денешниот протест дојде по вчерашното апсење на десетици здравствени работници поради недозволен протест против Лукашенко. Околу 60 лекари и здравствени работници вчера беа уапсени, а голем дел беа кратко потоа ослободени.

Здружението на новинари на Белорусија соопшти дека двајца новинари, кои биле уапсени на здравствениот протест, биле пренесени во затворот Акресцина во Минск. Според Здружението, во земјата има најмалку 14 новинари во притвор.

Протестите против Лукашенко се речиси секојдневни по изборите во август на кои тој прогласи победа, но опозицијата и западните земји сметаат дека биле наместени и не го признаваат Лукашенко за претседател.

Тој се соочува со жестоки критики од здравствените работници поради тоа што одбива да воведе строги мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.