Луѓето кои одбиваат да носат маска за лице или не се придржуваат до социјалното дистанцирање, имаат поголема веројатност да имаат карактеристики на социопат, покажа истражувањето.

Нечувствителност, лажење и манипулативност, што се можни знаци на социопат, биле одлики што често се наоѓале кај луѓето кои ги прекршиле безбедносните упатства за ковид-19.

Овие резултати се добиени во студија спроведена од професорот Фабијано Мигел и неговите колеги од Universidade Estadual de Londrina во јужен Бразил. Секој поединец помеѓу март и јуни, преку интернет спроведе неколку тестови за личност, кои потоа истражувачите ги класифицираа во две групи.

Емпатиската група се состоеше од околу 1.200 луѓе кои покажаа интерес за разбирање на чувствата и мотивациите на другите луѓе. Овие луѓе исто така беа заинтересирани за “развој на позитивни социјални интеракции” со другите “, објави Тајмс.

Втората група, со околу 400 луѓе, покажала знаци на антисоцијално нарушување на личноста, инаку позната како социопат или психопат, два поима кои често се користат наизменично. Овие луѓе се обиделе да најдат начини како интеракцијата со другите би можела лично да им користи. Исто така, тие имаат поголема веројатност да се чувствуваат „социјално изолирани“ и да се однесуваат непријателски.

Затоа, истражувачите заклучиле дека овие луѓе во општеството претставуваат ризик за другите, имајќи предвид дека тие сè уште не ги следат правилата и покрај зголемувањето на бројот на заразени и смртни случаи.

Разликата меѓу групите беше во тоа што оние од асоцијалната група имаа повисоки оценки во безобзирноста, лажење, непријателство, импулсивност, неодговорност, манипулативност и преземање ризици во споредба со луѓето во групата кои покажаа емпатија.

Истражувачите ги поделија учесниците во четири групи според почитувањето на мерките за сузбивање на заразата. Резултатите покажаа дека оние од асоцијалната група многу поретко сметаат дека правилата за сузбивање на ковид-19 се важни и многу помалку ги почитуваат.

Тие исто така се обидоа да ја минимизираат сериозноста на пандемијата, според наодите објавени во списанието Personality and Individual Differences.

Нашите откритија укажаа на тоа дека асоцијалните карактеристики, особено пониското ниво на емпатија и повисокото ниво на безобзирност, измама и преземање ризици, се директно поврзани со помало почитување на пропишаните мерки, истакнаа истражувачите.

Овие карактеристики ја објаснуваат, барем делумно, причината зошто луѓето сè уште не се придржуваат до контролните мерки дури и во услови на зголемен број на заразени и смртни случаи, сметаат тие.

До слични откритија дојдоа и експерти од Полска кои во својот извештај посочија дека луѓето со психопатски или нарцисоидни одлики може да имаат поголема веројатност да ги прекршат препораките, но исто така може и избезумено да купуваат храна што недостасува од полиците.


Напишете коментар